Вклучена струјата во сите училишта во општина Битола

by fokus

Градоначалникот на Битола Наташа Петровска денеска изјави дека општината постигнала договор со ЕВН Македонија, исплатен е дел од долгот за неплатена струја и струјата е вклучена во сите основни и средни училишта во градот.

Петровска потврди дека најголем дел од долгот е исплатен, додека останатиот дел со соодветна динамика ќе биде надоместен кон ЕВН.

– Наследивме училишта со вкупен долг од над 4,5 милиони евра, 10 училишта беа со блокирани сметки почнувајќи од 2012 година до денес и притоа од вкупниот финансиски долг на училиштата, над 8 милиони денари беа долг за неплатена електрична енергија. Ние, со големи напори, во изминатиов период успеавме да ги одблокираме сите училишта, а потоа во најголем дел од заостанатиот долг за неплатена струја да го подмириме со што ЕВН како општествено одговорна компанија одлучи да пушти струја во училиштата, изјави Петровска.

Општина Битола деновиве и до понеделник ќе ги обележи сите пешачки премини кои се наоѓаат во непосредна близина на училиштата, со што новата учебна година ќе почне со звукот на училишното ѕвонче и со безбедни приоди кон сите училишта, беше нагласено на денешната средба со новинарите.

Поврзани новости