Ортодокс тајмс“: Можно е да нема заедничко сослужување на Вартолемеј и Стефан, томосот на СПЦ го комплицира статусот на Охридска архиепископија

by Fokus

Влијателниот портал „Ортодокс тајмс“’, кој информира за случувањата во православието на грчки и на англиски јазик, се сомнева дека денешната одлука на Српската патријаршија во однос на Охридска архиепископија е дел од политиката на Московската патријаршија, со која директно се доведува во прашање јурисдикцијата на Вселенската патријаршија, како единствен надлежен црковен орган за доделување автокефалност.

Уредничката на порталот, Ефи Ефтимуи, смета дека Српската патријаршија извела потег кој потсетува на руската тактика и со кој дополнително се усложнуваат состојбите во православието и тоа во екот на војната во Украина предзвикана од руската агресија.

Таа потсетува дека Вселенскиот патријарх, во пресрет на развојот на настаните, ја призна Охридската архиепископија, прифаќајќи ги во евхаристиско единство „хиерархијата, свештенството и народот на оваа Црква, под архиепископот Стефан“.

Ефимиу нагласува дека во соопштението од Светиот синод на Вселенската патријаршија од 9 мај се наведува дека „Црквата на Србија треба да ги регулира своите административни прашања со Црквата на Северна Македонија“, но и јасно се нагласува дека името на црквата се препознава како „Охридска архиепископија“, што значи дека се исклучени терминот „македонски“ и кој било друг дериват на зборот „Македонија“.

Случајно или не, истиот ден кога во Белград прими томос за автокефалност од СПЦ, архиепископот Стефан во интервју за грчкиот весник „То Вима“ изјави дека Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква што, според традициите и каноните, издава таков документ.

Владиката Тимотеј, кој е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, во кратка изјава за ТВ Сител, рече дека чинот и документот од Белград се само почеток на тој процес.

 

 

Поврзани новости