„Орка Холдинг“ го донира на Град Скопје пешачкиот мост кај „Аџибадем Систина“

by fokus

Град Скопје ќе ја прими донацијата на компаниајта „Орка Холдинг АД Скопје“ во пешачки мост над реката Вардар кај болницата „Аџибадем систина“. Станува збор за донација во вредност од 904.000 евра.

Со ова Град Скопје ја презема обврска за комплетно одржување на мостот како и негов упис во катастарот на недвижности. Со изградбата на еден таков мост, велат од Градот, значително ќе се оформи и ќе се разуби тој дел од Општина Карпош.

„Основна цел на проектот е воспоставување на пешачка врска помеѓу левиот и десниот брег на реката Вардар во тој дел на Општина Карпош, со што значително ќе се унапреди квалитетот на живеење на граѓаните од општината, но и на целиот град“, стои во одлуката на Градот за примање донација, предложена до градското собрание од градоначалникот Петре Шилегов.

Одлуката, пак, за изградба на мостот е донесена во февруари 2015 година, додека со Град Скопје управуваше претходната власт и градоначалник беше Коце Трајановски.

Според првичните информации инфраструктурниот објект требаше да биде со должина од 115 метри и ширина од 3,5 метри. Mостот е поставен на два бетонски столба и изработен од челична конструкција. Автор на идејното решение за пешачкиот мост е архитектот Мето Стојчески, додека главниот проект го изработи студиото „Стоун дизајн“ од Скопје.

М.В.

Поврзани новости