Музичарот Златко Ориѓански преку својот фејсбук профил му одговори на Цветин Чилиманов за текстот што го напиша против Кочо Рацин, кој го нарекува џуџето од Велес и дека единствено добро што направил е што умрел на време.
– Рацин е ловроносниот поет на едно уплашено, себично, грабливо, тоталитарно време кое го повикувал и посакувал со неговите песни. Единственото добро нешто што може да се каже за Рацин е дека умрел на време, пред да стане партиски комесар и цензор, човек кој ќе одобрувал која книга е доволно револуционерна за да смее да се објави, а која книга значи дека авторот треба да биде пратен на превоспитување (или нешто уште полошо). Пред да се претвори во кодош и денунцијант како Славко Јаневски. Убиен е од неговите, нормално, од еден од ѕверовите кои ги инспирирал на грабеж (под претпоставка убиецот воопшто да бил писмен да ги прочита песните на Рацин — можеби не ни му бил потребен друг поттик отколку да намириса дека доаѓа време на разграбување на имотот што неговите трудољубиви соседи домаќини го имале стекнато) – пишува Чилиманов.
На ова му враќа Ориѓански, чија реакција ја пренесуваме во целост:
Цветине Чилиманов, несреќо, заблудо, црна темницо.
Дојде време, такво време дојде, на сета мака од вас, башка, морам да читам глупави реченици од твојто писмо неписмено, твојте погани зборови против Рацина, да читам, со солзи во очите. Која мајка ве роди бе Цветине, што кучка ве окучи, какво племе ве одгледа, од која семка никнавте, од чија града млеко мајчино цицавте, басивија, басиви, сортата непрокопсана ?
Коста Солев Рацин беше поет, поетиште, тебе ти кажувам Цветине, ваму слушај, самоилов слепецу, Рацин е поетиште големо, за нас важен, како оној мост во Истанбул кој спојува исток и запад, Европа и Азија, векови и неколку географски времиња.
Да земеш народна песна, сеедно дал е мелодија или стихови, на неа да се потпираш и од неа да направиш нова песна или поема, таков Шекспировски принцип и потег може само гениј, нешто што шупелка како тебе не може и никогаш нема да може. Да не беа браката Миладинови и Рацин, ние денес се уште ке пеевме само народни песни. За наша срека се појавија овие великани и на модерен начин отворија нов пат. Твојот акл е мал, за да ја разбере оваа голема работа.
Рацин беше почеток на создавање модерна поетика, која ке се потпира на нашата традиција. Нема земја, нема свет, нема голем поет, музичар ил сликар кој не се држел до овој вековен принцип, почнувајќи од Шекспир, преку Андриќ, Кадаре, Достоевски, Пикасо, Маркес, Дилан, Џон Ленон, стасувајќи до сликарот Кондовски, Горан Стефановски и натака. Господ еден знае кај ке теравме ако не беше Рацин, ама секој свесен човек знае дека немаше да се случат Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Радован Павловски, се до Дарко Лешоски, денеска.
Прашањето што мене ме мачи е следново : Зошто се пикаш кај што не те бери, умот кај што не ти досега, дали сакаш од злоба некоја штета да направиш, или сакаш уште еден поган антимакедонски пат да отвориш, за утре да плукате и врз гробот на Петрета М. Андреевски ?
Народната песна на која се повикуваш и кажуваш будалаштини дека наводно Рацин ја упропастил, таа ,, На Струга дуќан да имам ,, е само мал мотив, бензин, со кој ако имаш дарба, можеш да летнеш во космос. Таа дарба кај Рацина се прелевала, умеел од таа мала златна народна песна, од едно камче да направи куќа голема, прекрасна, нова поема. Повели бе Цветине несреќо, земи од народните песни дестина реченици и да те видам бе маже голомеше, направи нова песна, поема, драма. Цветине несреќо, тоа не можеш ниту на сон, со твојто немање дарба за ова свето нешто, како слеп лилјак ке бапнеш во зид.
Оние реченици за смртта на Рацина, нема да ги дискутирам оти се чист провинцијален, паланечки простаклук на некој кој можеби сонувал да стане поет, ама роден без дарба, заминал со умот во три мајчини, од злоба, завист и пакост, познати и признати ,, дарби ,, македонски.
Најголемата штета која ја правите ти и твојве ненадарени соборци се состои во тоа што сета нација ја враќате назад, поминати патишта уништувате и водите млади луѓе по калдрма, терате во жива песок да пропаднат, да се удават. Десет години, четири илјади денови и четири илјади ноќи пред очи ги гледаме и трпиме вашите зулуми, десет години молчиме и без лелек дозволуваме од оваа на умирање Македонија, да упропастувате и черечите, да јадете како крвожедни зверови се што беше добро, убаво, вредно и племенито. Доста беше, доста !!!
Да живее, Слободна Модерна Македонија !