Ориѓански: Оваа власт е неподнослива

by Фокус

Страшно е кога дел од граѓаните ќе почнат да ја величаат власта, тоа е најстрашно, затоа што добра власт не постои, нема таква. Има поднослива и неподнослива власт, а оваа е неподнослива, вели музичарот Златко Ориѓански во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој тврди дека на протестите имало луѓе, кои што немале никаква врска со политичка активност или политички партии, туку владеело само едно чувство – дека е време за промени.

– Мислам дека разрешницата ќе оди бавно, мачно. Верувам дека луѓето коишто се во политиката имаат барем малку разум да не го доведат народот во најлошата состојба, затоа што од вакви ситуации многу лесно се преоѓа во граѓански војни, оружје итн. Мислам дека менталитетот на Македонецот е малку поинаков. Јас често пати спомнувам една народна песна во врска со менталитетот. Вели „ти каранфил не носиш, на каранфил мирисаш“. Значи, Македонецот, во својата природа, не тргнал ни цвеќето да го кине, а камоли друго. Мислам дека се лаже оној којшто мисли дека ќе игра на таа карта и дека ќе му донесе резултат. Созреан е моментот да се случат промени, враќање назад нема. Колку и луѓе да сакаат да се вратиме во 2008 или во 2010 година, тоа не е возможно, така што мислам дека ќе се заврши ова на среќа на сите нас – тврди Ориѓански во интервјуто.

Според него, после протестите логично е да се седне на крајот да се разговара, затоа што ако продолжело со демонстрации по улиците на крајот ќе завршело со употреба на сила од двете страни и тоа ќе било трагично и за луѓето и за институциите.

– Значи, мора да се разговара. Се разговараше, меѓутоа повторно не се дојде до решение. Мислам дека веќе сме влезени во фаза на едно лудило и ќе треба да се најде свесност и трпение за да го поминеме на мирен начин. Ако повторно излеземе на улица, значи дека сме ја вратиле топката назад и на крајот, што и да се случи, повторно ќе треба да се седне и да се разговара. Одговорноста за сево ова се наоѓа кај стотина луѓе, дел се во власта, а дел се луѓето што ги држат парите во Македонија. Дури можеби тие се повеќе одговорни од овие што ги гледаме на првата линија, затоа што очигледно некому ваква матна ситуација му одговара. Македонија всушност се наоѓа во канџите на она што се нарекува балканска мафија. Затоа процесот на наше ослободување ќе биде многу тежок и многу сложен. Таа балканска мафија има една цел – Македонија да не функционира како нормална правна држава, туку да е нешто налик на држава, повеќе територија – додава Ориѓански.

Поврзани новости