Телевизијата „Ориент Њуз“ објави ексклузивни снимки од Центарот за азиланти, во прилог насловен како „Логорите во македонскиот главен град Скопје“. За Центарот велат дека е дом на стотици раселени Сиријци кои таму се задржуваат долг период и се подложени на понижувања од највисок степен секој ден.
На снимките може да се види како повеќе луѓе спијат на сунѓери, меѓу кои има и деца, расипани и неисчистени тоалети, ѓубре и неизбежните затворски решетки.
Покрај снимки од Центарот за азиланти, телевизијата има и тројца соговорници, од кои двајца биле „станари“ на центарот.
Телевизијата „Ориент Њуз“, со почетокот на војната во Сирија, се засолни во Дубаи, од каде што известува за вести од Сирија и светот.
Ова не е прв пат странските медиуми да известуваат за скопскиот центар за азиланти. Пред неполни две години, Бенедикт Колериџ, од Језуитскиот избеглички сервис за Европа го посети Центарот за азиланти, при што во репортажата напиша дека во него владее „затворска и тмурна атмосфера, дополнета со смрдеа и ѓубре на сите страни“.
„Имиграциските притворски објекти во Скопје секогаш се полни со новопристигнати мигранти без документи – од Сирија, Пакистан, Авганистан и Нигерија. Во затворскиот и приемен центар мажи спијат на под, насред тенџериња што се користат за готвење, а воздухот носи тешка смрдеа. Ѓубре ги полни ходниците, мали деца се ставени во исти простории со сите други и живеат во соби каде што има остатоци од измет. Храната се состои од супа во работните денови, а ништо не им се дава на мигрантите за викендите,“ се вели во репортажата.
Репортажата можете да ја погледнете на следново видео: