Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека руското раководство е „хипер рационално“ и дека Украина никогаш нема да може да ги исполни своите надежи да стане членка на Европската унија или НАТО.
Орбан предвиде дека глобалната моќ ќе се префрли од „ирационалниот“ Запад кон Азија и Русија, објави Ројтерс.
„Во наредните долги децении, можеби дури и векови, Азија ќе биде доминантен центар на светот“, рече Орбан, алудирајќи на Кина, Индија, Пакистан и Индонезија како идни големи светски сили.
Обраќајќи им се на етничките Унгарци на фестивалот во градот Баиле Туснад во соседна Романија, Орбан рече дека, за разлика од „слабоста“ на Западот, позицијата на Русија во светските работи е рационална и предвидлива, нагласувајќи дека покажала економска флексибилност во прилагодувањето на западните санкции.
Тој додаде дека Украина никогаш нема да стане членка на ЕУ или НАТО бидејќи Европејците немаат доволно пари за тоа.
„ЕУ треба да се откаже од својот идентитет како политички проект и да стане економски и одбранбен проект“, рече Орбан.