Орбан: Трета светска војна – никогаш не сме биле толку блиску

by Fokus

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на државното радио „Кошут“ изјави дека се зголемува веројатноста војната во Украина да се претвори во глобален конфликт. За време на интервјуто, унгарскиот лидер остро ги критикуваше западните лидери и ги обвини сојузниците на Украина дека го промовираат конфликтот заради економски интереси.

Тој рече дека „светот никогаш не бил толку блиску“ до претворање на „локална војна“ во „светска војна“.

„Веројатноста за тоа се зголемува од ден на ден“, додаде тој.

Орбан предвиде дека сојузниците на Украина би можеле да испратат војници да му помогнат на Киев, иако не дал никакви докази за тоа тврдење, пишува Политико.

„Многу сме блиску, според мене, да го ставиме на маса како сериозен предлог за сојузниците, односно војниците на земјите сојузници со Украина“, посочи тој.

Орбан, кој негуваше блиски односи со Кремљ во изминатата деценија, беше на удар на критики во Унгарија и во странство поради неговите изјави за војната во Украина.

По почетокот на руската инвазија, унгарската влада инсистираше на тврдењето дека е за итен прекин на огнот само затоа што приоритет е мирот на европскиот континент.

Во своето радио интервју, унгарскиот лидер рече дека неговата позиција ја делат и другите ширум светот, посочувајќи ги Кина, арапскиот свет и Африка.

 

Поврзани новости