Ревизија на донесените штетни детални урбанистички планови, што отстапуваат од еколошките одредби во Генералните урбанистички планови или се донесени во незаконска процедура, а потоа и носење на равидирани ДУП-ови, со стандарди за хумано и квалитетно живеење.
Ова е еден од заклучоците усвоен на денешната јавна дебата насловена „Како да се зазелени урбанизмот“, во организација на Зелениот институт и ДОМ.
Покрај тоа, учесниците на дебатата побараа строга заштита на урбаното зеленило, примена на современи начини на градење и поставување изолација и кровни градини со сончеви панели и ветерници, како и измена на законска регулатива за да се овозможи Советот да донесе одлука за укинување на ДУП.
– Мора итно да се вградат одредбите од Законот за урбано зеленило во Законот за просторно и урбанистичко планирање и во Законот за градење, со нормативи за 20 отсто зеленило на градежна парцела и 25 м2 по жител на ниво на град – порачаа говорниците во дебатата, на која учествуваа претставници од граѓански организации, општински совети, политички партии.