Општина Центар преку соопштение истрапено до јавноста, информираше дека ги корегирале спорните точки во постапката против претседателот на кривичниот суд Владимир Панчевски, за случајот со дивоградбата во Центар.
Од таму велат дека забелешките на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, биле од формален карактер, па Општината одново го потврди решението за отстранување на дивоградбата.
Со тоа, Панчевски има рок од 15 дена да ја урне дивоградбата.
-Забелешките на Комисијата беа од формален карактер и брзо се отстранети од страна на инспекцијата на општина Центар. Општината го потврди претходното решение за отстранување на дивоградбата. Со него се наредува на инвеститорите В.П.; С.П. и Е.С., сите од Скопје, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, да ја отстранат градбата на улица “Никола Вапцаров“ бр. 6. Се бара отстранување на изградените 3-ти и 4-ти кат, како и дел од поткровјето кое е во градба и доградба – велат од Општината.
Инаку, семејството на Панчевски пред неколку дена најави дека ќе бара отштета од 15 000 евра за, како што велат, нелегалното уривање на објектот. Претходно пак, кога се отвори случајот, Панчевски самоиницијативно, со помош на семејството, срушија дел од градбата во Центар.