Тарабите меѓу ГТЦ и „Жена Борец” се поставени бидејќи во моментов се местат бетонски плочки во паркот.
Ова го потврдија и од Општина Центар од каде велат дека утрово официјално добиле соопштение дека се работи на уредување на паркот кој е под надлежност на град Скопје и дека не се работи за никаква интервенција на фасадата на ГТЦ.
„Официјално, станува збор за партерно уредување на паркот под надлежност на град Скопје. Од градот тврдат дека не се работи за никаква интервенција на фасадата на ГТЦ. Општината и натаму ќе ги следи градежните активности во паркот и благовремено ќе реагира доколку се започне со било какви сомнителни градежни активности“, вели општината Центар.
Инаку, вчера во јавноста почнаа да се споделуваат фотографии од тарабите, со коментари дека на ГТЦ му се „готви“ барок додека граѓаните се на годишни одмори. Претходно, Владата донесе одлука за поставување на барокна фасада на ГТЦ, а одлуката беше објавена во Службен весник на 3-ти јули годинава, и покрај сите негодувања од организации и граѓани.