Бавно се ретчат фантомите од листата на ДИК

by fokus

Бројот на спорни гласачи од листата на Државната изборна комисија бавно се намалува, a рокот тече.  Од вкупно 39 524 сомнителни гласачи, заклучно со вчера се пријавиле 1560 граѓани да им се корегираат податоците во Избирачкиот список.

Во просек, дневно се пријавуваат околу 150тина граѓани, а рокот истекува на 19-ти август. Ако продолжи истата динамика, до тогаш списокот ќе биде олеснет за помалку од 4 илјади гласачи, а останатите се на добар пат да бидат избришани.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски ги повика граѓаните што побрзо да ги корегираат своите податоци. Тој објасна дека со новата веб апликацијата која е достапна на нивната страница,  граѓаните ќе може да видат дали и зошто се на списокот со спорни записи. ДИК веќе ги добиле  фотографиите од МВР од личните карти и пасошите на гласачите и тие ќе бидат вметнати во списокот.

Инаку, граѓаните можат да се пријават до ДИК до 19-ти август за да го регулираат своето избирачко право, по што до крајот на месецот Комисијата да излезе со детален извештај. По ова политичките партии ќе направат проценка  дали има услови за предвремени парламентарни избори на 11 декември.

Поврзани новости