И на денешната седница третата по ред од новиот состав во Општина Центар не беше избран претседател на Советот. Главниот проблем е што ниту една партија нема мнозинство, а никој со никого официјално не сака ниту да коалицира.
Левица за претседателка на Советот ја предложиле нивната советничка Марија Сребровa. Потоа од СДСМ го предложиле советникот од Шанса за Центар Јане Димевски, но тој не го прифатил предлогот. Левица потоа ја предложиле и Виолета Велковска од ВМРО-ДПМНЕ, која како најстар советник е претседавач на Советот, но и таа не ја прифатила кандидатурата. По ова, единствен кандидат останала советничката Среброва од Левица.
По паузата советниците на ВМРО-ДПМНЕ рекле дека нема да гласаат и ја напуштиле салата. И од Шанса за Центар рекле дека нема да гласаат за предлогот на Левица.
На гласањето Среброва добила 5 гласа „за“ и тоа три од Левица и два од коалицијата на СДСМ. Другите советници од коалицијата на СДСМ не гласале.
Откако и ова гласање поминало безуспешно функцијата претседавач продолжила да ја врши најстарата советничка Велковска по што бил изгласан буџетот на Општината за 2022, кој беше усвоен со 20 гласови односно со гласови од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а Шанса за Центар беа воздржани.