Познатиот кардиолог и академик, проф.-д-р Сашко Кедев, вечерва во соборниот храм „Свети Никола” во Штип беше одликуван со орденот „Свети Никола“ што општината го доделува секоја година на истакнати штипјани кои дале посебен придонес за развојот на градот и државата.
Во обраќањето на свечената академија, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов истакна дека Кедев е роден штипјанец, кој живее и работи во Скопје. Тој е сертифициран европски интервентен кардиолог, како и сертифициран интервентен кардиолог во САД. Македонската јавност го знае и по неговото хоби – алпинизмот. Кедев ги има искачено сите највисоки континетални врвови, а го освои и највисокиот врв во светот, Монт Еверест.
Признанија „Свети Никола” им беа доделени и на борачот-олимпиец Зоран Шоров, на Зоран Мијалков, граѓански активист за правата на децата со посебни потреби, Александар Ѓеоргиев, кој со својата хуманитарна работа изгради домови на повеќе семејства во штипско, на младинскиот активист Дарко Тошиќ и на компанијата „Аџико”, како општествено одговорна компанија.