Општина Кавадарци се подготвува за масовна вакцинација, нема алкохол и цигари седум дена по примање на вакцина

by Fokus

Општина Кавадарци се подготвува за масовна вакцинација против Ковид-19, која ќе започне во вторник, 4-ти мај, и ќе се одвива во спортската сала ,,Јасмин”. Пунктовите се речиси спремни, и овде ќе се имунизираат жителите на Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Велес, Градско, Росоман, Валандово и Дојран.

Во салата ќе бидат поставени 20 пункта за вакцинација, информира градоначалникот Митко Јанчев. Апелира до граѓаните да се пријават и да имаат верба во науката. Појаснува дека тој веќе се пријавил во системот, и очекува голем одзив и од своите сограѓани, со цел да се стави состојбата со вирусот под контрола.

Потсетува дека Кавадарци беше на голем удар на корона вирусот, бидејќи од почетокот на пандемијата се инфицираа дури 5.089 лица, а над 130 лица ја изгубија битката. И директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев апелира до јавноста да се пријави за имунизација. Вели дека веќе дневно вакцинираат по 250 граѓани, и задоволен е што неговите сограѓани покажале висока свест кога е вакцинацијата во прашање.

-Ова е најефикасниот начин да ја запреме пандемијата и да продолжиме со стариот начин на живот. Јас како медицинско лице се вакцинирав, се вакцинираше и мојот татко кој спаѓа во ризичната група на повозрасни граѓани. Нема потреба од страв, кај вакцинираните кај нас, досега не се пројавени несакани ефекти, освен пецкање на раката. Изминатиот период мерките за заштита даваат резултати, денес имаме 37 пациенти хоспитализирани во ковид центарот и 58 слободни места. Планираме по празниците да го затвориме едниот оддел на центарот, а медицински тимови да бидат распоредени во салата ,,Јасмин” каде ќе доаѓаат жители и од другите општини на имунизација-изјави д-р Коцев.

Во општината, генерално има интерес за вакцинирање, а вакцината ја примиле и граѓани во своите 90-ти години. Помладите жители на градот познат по виното и ракијата пак, на шега велат дека единствено нешто кое ги загрижува околу вакцинирањето е тоа што по примањето на вакцината ќе мора да се откажат од алкохолот и цигарите одреден период. Дали навистина не смее да се пие алкохол и да се пуши по примањето на вакцината, е едно од најчестите прашања кое тие им го поставувале на медицинарите.

-Светските препораки се седум дена по примањето на вакцината да не се консумираат алкохол и цигари, појаснува д-р Коцев.

-Ќе се издржи една недела без ракија и салата, нема што друго да се прави, се шегуваат жителите на Тиквешијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости