Непознавање на законите, ниското ниво на политичка култура и политичкото ривалство кое за жал кај градоначалничката на Скопје Данела Арсовска веќе е сведено на ниво на политичка омраза, реагираше Општина Аеродром, по соопштението од Град Скопје дека е изречена парична казна од Инспекторотот за животна средина за локалната власт и за грдаоначалникот Тимчо Муцунски за фрлање смет во паркот пред зградата на ФФМ.
„Нејзината политичка омраза оди до таму што, по нејзин налог извршителите во градот Скопје добија насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општина Аеродром. Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје“, среагираше Општина Аеродром.
Од Општината велат до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзан со наводите наведени во соопштението до медиумите.
„По евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска“, соопшти Општина Аеродром. .
Според Општина Аеродром градоначалничката на Скопје Арсовска е единствениот виновник на комуналниот хаос во градот.
„Место да диригира смешни прекршочни решенија, неопходно е правниците и инспекторите кои се дел од нејзиниот тим, да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде ќе ги научат основни принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција. Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да е посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир“, стои во соопштението на Општина Аеродром.
Според Општина Аеродром политичкото ривалство треба да се води на цивилизиран начин, онака како што доликува на современи политичари, преку инвестиции, грижа за граѓаните и реализација на проекти.
„Најодговорно тврдиме дека во изминатиот период Општина Аеродром има повеќе реализирани проекти во споредба со сите проекти на Арсовска во цело Скопје. На крајот уште еднаш потсетуваме дека, грижата за здравјето и животот на граѓаните е наш врвен приоритет, а постапувањето согласно законите единствен императив во нашето работење“, соопшти Општина Аеродром.