По реакциите од страна на граѓаните на Аеродром, пензионерските здруженија, вработените и родителите на децата кои учат во ООУ „Љубен Лапе“, Општина Аеродром апелира до Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“.
Од општината бараат да се постави соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради тоа уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“.
Реализацијата на проектот за улицата „Васко Карангелевски“ е целосна надлежност на градот Скопје и Општина Аеродром нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација. Во таа насока Општина Аеродром, во текот на денешниот ден, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем“ велат од општина Аеродром.
Ова следи по денешната сообраќајна несреќа во која автомобил се преврте на кров, токму на новата крстосница, во непосредна близина на основното училиште.