Опозициски пратеник зад решетки, Црна Гора на работ на граѓанска војна

by fokus

Рано изутринава, по завршување на седницата на црногорскиот Парламент, полицијата го уапси пратеникот на опозицискиот Демократски фронт, Небојша Медојевиќ, кој е спроведен во затворот Спуж.

Тој е притворен по наредба на претседателот на Вишиот суд, Борис Савиќ поради повеќемесечно одбивање да даде исказ во предмет кој се води против него.

Медојевиќ и неговиот колега Милан Кнежевиќ повеќе месеци одбиваат да достават податоци за судијата кој наводно понудил 10.000 евра за да укине пресуда поради напад на полицаец во 2015 година.

По апсењето, од ДФ предупредија дека Црна Гора се наоѓа на работ на граѓанска војна, а Кнежевиќ порача дека нема доброволно да и се предаде на полицијата и со колегите ќе остане во Парламентот.

На прес-конференција пред Парламентот на Црна Гора, еден од лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ ја оцени одлуката за апсење на Медојевиќ како скандалозна, додавајќи дека ДФ побарал итен состанок со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ.

– Ова никогаш досега не се случило во Црна Гора, пратеник за искажан збор, без одземање на имунитет, да се стави в затвор. Тоа е огромен скандал и според проценките на ДФ, Црна Гора се наоѓа на работ на граѓанска војна, нагласи Мандиќ.

Поврзани новости