Опозицијата ќе бара одговорност од судиите кои ќе одлучуваат за издвојување на „бомбите“

by Фокус

Откако Апелациониот суд во Скопје се прогласи за ненадлежен во врска со прислушуваните материјали, односно за жалбите поднесени од Јавното обвинителство против одлуката на судија на претходна постапка да се издвојат аудио снимките затоа што биле незаконски обезбедени, сега на потег е Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Некои информации откриваат дека е можно уште в понеделник да се знае одлуката. Предметот е веќе вратен од апелација во понискиот суд и е распореден за реферирање. Кои опции ги има советот? Судски извори коментираат дека логично е судиите да избираат меѓу двете извесни варијанти. Првата, да ги уважат жалбите на обвинителството и да го укинат решението со кое снимките се издвојуваат од досието и втората, да ги одбијат жалбите и да го потврдат решението. Некоја трета опција би се искористила само ако се најде еластично толкување на некои законски одредби преку кои советот би се обидел да се добие време, но со тоа да се искомплицира процедурата.

Правници коментираат дека ако Советот, односно судиите застанат зад решението на судијата за претходна постапка и го потврдат, а со тоа ги отстранат прислушуваните материјали од предметот, тогаш  ваквото решение ќе биде конечно и нема да има простор за нови жалби.  Во дописот од апелација до првостепениот суд се наведува:

-Согласно чл. 93 од ЗКП, кој се однесува на издвојување доказ е предвидено дека кога врз некој доказ не може да се заснова судска одлука, судија на претходна постапка, по службена должност или по предлог на странките ќе донесе решение за издвојување на списите најдоцна до завршување на истражната постапка. По подигање на обвинителен акт, решение за издвојување на докази донесува совет за оценка на обвинителен акт.

Извори во опозицијата коментираат дека информации од терен им откриле дека веќе три судијки од Основниот суд биле задолжени да ја спроведат замислата на власта и Советот да изгласа дека снимките се отфрлаат како незаконски прибавени материјали. Дури тие се прашувале како би ја оправдале евентуалната таква одлука, колку таа би била правно издржана и дали би повлекла нивна одговорност. Заради ваквите дилеми апелација избра да се прогласи за ненадлежна, коментираат правници, и одговорноста за одлуката ја пренесе на Основниот суд. Во опозицијата, која ги објави прислушуваните материјали, коментираат дека ваква одлука со евентуална потврда на решението на судијата на претходна постапка, би била преседан и порано или покасно некој ќе одговара.

Сето ова со снимките се случува во период кога власта го опструира изборот на седуммина специјални обвинители со кои би се комплетирал тимот на Катица Јанева. Да и беше избран тимот на време, до сега Јанева може и ќе беше започнала со конкретни активности за одредени предмети. Така сигурно и ова досие околу прислушуваните материјали и начинот на кој се обезбедени ќе беше во нејзини раце. Тоа во најмала рака значи дека снимките, иако врз нив не може да се заснова пресуда, ќе послужат како индиции врз кои ќе се открие криминалот во многу случаи за кои се слуша на снимките. Секако и предметот „Пуч“ до сега ќе беше преземен, па истиот суд ќе немаше потреба да бара начини како да го одложува секое рочиште се додека предметот не заврши кај Јанева.

Иако од понеделник ќе има појасна ситуација како ќе се изјасни Кривичниот совет, сепак тоа само ќе ја замрси целата ситуација се додека ВМРО ДПМНЕ не попушти и не се согласи за тимот специјални обвинители.

 

Поврзани новости