Опозицијата бара одговори, а власта ја обвинува дека се однесува неразумно за кризната состојба

by fokus

Во собраниската Комисија за одбрана денеска продолжи дебатата за предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ, дел од коалицијата „За подобра Македонија“,од вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој присуствуваше на седницата, побара одговори за подготвеноста на Владата да се справи со енергетската криза, како и за потрошените пари за струја и стратегиите за можните сценарија. Тој обвини дека иако Владата бара „секаде гас“, набавката е сигурна само од „Макпетрол“, како и дека „се кријат набавките на јаглен“.

– Ни бараат кризна состојба да потрошат милиони со два члена и до пратениците е доставен материјал без образложение. Што ќе се случи ако цената на гасот се зголеми за десет пати, ако војната ескалира и ако нема гас? Што се случува со ноќните вишоци на струја? Кој краде струја? Дали некој ќе одговара за кражба на струја од 150 милиони? Колку ќе не чини производството на струја оваа година, колку била лани?, праша Пренџов.

Пратеникот од опозицијата изјави дека цената на дрвата е двојно зголемена и го праша Битиќи што ќе прават 400-500 илјади домаќинства во земјата кои се греат на дрва и врз основа на кои параметри „Национални шуми“ двојно ја зголемија цената на дабот и буката.

– Дали имате енергетски план? Граѓаните имаат право да ви ги знаат сценаријата, рече Пренџов, со оценка дека власта потфрлила и на политички и на економски план.

Вицепремиерот за економски прашања Битиќи одговори дека две и пол години е дел од Владата и дека во целиот тој период се соочува со „неразумно однесување на опозицијата“.

– За жал, овде сосема различно се однесуваме и сосема различно веројатно имаме други побуди, а тоа е други центри на моќ на коишто треба да им учиниме, а не се тоа нашите граѓани и сограѓани коишто секој ден сакаат да го добијат тоа што заслужуваат да го добијат, а тоа е достоинствен живот и можност за живот, одговори Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека поранешниот менаџмент на ЕСМ воопшто не размислувал дека некогаш ќе се врати употребата на јаглен како основна суровина за производство на електрична енергија.

– Е тоа сте го оставиле во ЕСМ, како што сте оставиле блокови со најмалку намален капацитет од 20 отсто на ефикасност, иако можеле сосема да работат со истиот капацитет за којшто се предвидени. Велам најмалку 20, на хартија 20 отсто намален капацитет, а во реалноста до 40 отсто намален капацитет т.е. ефикасност на блоковите со неисправни блокови затоа што ремонтите направени не биле така направени, иако платени и најверојатно некој ден, не јас, туку Обвинителството ќе покрене постапка за тие коишто ги спровеле ремонтите, платиле, а не се направени. Впрочем и судските процеси ќе ги изгубиме затоа што ем не направиле ремонт, ем ќе треба да платиме на некого отштета, рече Битиќи.

Кажете, рече вицепремиерот, ако сакаме Владата да биде и судија и кадија, кажете ќе го смениме начинот, како треба да се владее во државата.

– Значи, ако сметате дека вицепремиер, премиер треба да биде и обвинител и јавен обвинител и судија и дел од извршна власт и дел од Собранието во кое што ќе ги носи сама одлуките тогаш имаме сериозен проблем. Па, не знам затоа што така беше поставено прашањето – што ќе преземете за да се направи кон овој, што ќе преземете за да се направи.. затоа си има различни органи на постапување кои соодветно си постапуваат според нивните надлежности, рече Битиќи.

За тоа колку чини електричната енергија во нашата земја и што ќе се направи за малите и средни претпријатија, вицепремиерот рече дека опозицијата го има податокот, но не сака да го види.

– Во нашата држава има регулиран пазар и либерализиран или слободен пазар. На регулираниот пазар имате 70 илјади корисници коишто се од стопанството, приватниот сектор кои што се мали корисници и на коишто им е гарантирана електричната енергија по цена која што е зададена од РКЕ. Што може повеќе од тоа? Тие во овој момент плаќаат трипати поевтина електрична енергија од берзанската цена. Е тоа можеме да го направиме и тоа сме го направиле. Не затоа што тоа некој го бара денеска, го направивме на 1-ви јули со регулирањето на цената на електричната енергија. Така е во законот, но така е и поставено. Значи 69 илјади и нешто се згрижени од страна на државата. Дали ние можеме повеќе од тоа па не, затоа што на нив им гарантираме дека 100 отсто од потребите на електрична енергија ќе го осигураме како држава преку производството на ЕСМ. Тоа можеме д го направиме, тоа го правиме секој ден. И сте слушнале дали еден ден некој имал рестрикции сите овие 70 илјади компании – не за разлика од соседството, рече Битиќи.

Вицепремиерот истакна дека 650 илјади домаќинства плаќаат електрична енергија со нови цени односно со цена зголемена за само 7,5 отсто.

– Субвенционираме 80 отсто од страна на државата или математички кажано ако во овој момент граѓаните плаќаат илјада денари во реалноста би требало да плаќаат 1.800 денари, 800 денари плаќа државата, Владата. Тоа го правиме, 80 отсто, рече Битиќи.

Цената на електричната енергија, според него, лесно може да е пресмета.

– На цената која што ја даваме на „ЕВН Хоум“ ќе ја пресметате 80 отсто над тоа и ќе ја добиете производната цена на електрична енергија, рече Битиќи.

Седницата на Комисијата за двете одлуки продолжување на кризната состојба продолжи попладнево. Бидејќи се уште не го минаа комисискиот филтер, двете Предлог-одлуки не можат да бидат изгласани на собраниска седница. Двете одлуки се ставени на дневен ред на 86. седница која почна денеска, но точките по одлуките беа прескокнати. За продолжување на кризната состојба треба да се гласа најдоцна за осум дена.

Поврзани новости