Операторите реагираат: Не се занимаваме со „пиратство“, медиумите сакаат помалку канали

by Фокус

Здружението на информатичко-комуникациски технологии реагира на денешната прес-конференција на Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии, кое побара надлежните институции да ја спречат заканата од телеком-операторите за прекинување на реемитувањето на домашните телевизиски канали.

„Сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми. Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни. За ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, велат од Здружението.

Од таму додаваат дека барањето на петте телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуаат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за телевизија без граници и воедно, според нив, претставува обид за вовед во цензура.

„Ваквиот јавно изкажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на Измените на законот било токму притисокот со ваквиот Закон да се намали бројот на ТВ канали кои ќе се реемитуваат во земјава. Авторските права се веќе регулирани со Законот за авторски и сродни права и со Кривичниот законик. Оттука, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не само што не ја регулираат оваа проблематика, туку и дополнително ја усложнуваат“, велат од ЗИКТ.

Поврзани новости