На 15 километри од Скопје, на плацот на Агенцијата за управување со одземен имот, во Миладиновци, веќе шест години се наоѓала црвената „опел омега“, клучниот доказ во случајот „Монструм“. Возилото кое досега беше видено само на фотографии, денеска беше ставено пред очите на јавноста. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, адвокатите Насер Рауфи и Асмир Алиспагиќ, обвинетите, но и новинарите, сите заеднички направија увид и конечно ја разрешија дилемата дали овој автомобил постои.
На прв поглед автомобилот беше речиси идентичен со оној од фотографиите, кои три дена по петкратното убиство ги објави МВР во јавноста, со објаснување дека во него се возеле извршителите на велигденскиот масакар. Сепак времето си го направило своето, па видливи беа и помали оштетувања, како избледување на бојата од сонцето.
Автомобилот беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковско езеро, а откако завршиле вештачењата и биле прибрани сите докази, на 1 ноември 2012 година возилото било однесено во Агенцијата, а денеска таму беше и човекот кој го примил. Рече дека автомобилот бил донесен со влечна служба и тука бил оставен заклучен.
Она што беше клучно е дека возилото има калници, но и задни седишта и наслони, нешто што го спореше одбраната, бидејќи на калниците беа најдени траги од земја од Смиљковското Езеро, а на задното седиште влакно од коса, кое ја имало ДНК-та на обвинетиот Алил Демири.
Сомнежот целосно се отстрани откако беше утврдено и дека бројот на шасијата е ист. Тоа се утврди со помош на крим техничар од МВР, кој го повика судијата Ставрев, обидејќи автомобилот беше заклучен, па мораше да се обие од страна на стручно лице.
Ваков увид се случи за прв пат пред очите на јавноста, бидејќи СЈО и судот сакаат да ги отстранат сите сомнежи. На претходните судења, иако одбраната инсистираше да го види автомобилот, тоа не беше дозволено. Ова возило со свои очи не го видела ниту обвинителката Гордана Гешкоска, која го напиша обвинението, ниту тогашниот истражен судија Владимир Туфегџиќ, кој, исто така, ни појасни дека доказот го видел само на фотографија.
Истрагата за овој случај се водеше по стариот Закон за кривична постапка, поради што собирањето на доказите беше под водство на полицијата, а не на обвинителството, како што е предвидено со новиот закон. Ова значи дека доказите во првите 20 дена биле собирани од крим техника од МВР, во присуство на тогашниот дежурен истражен судија и дежурен јавен обвинител. Гешкоска и Туфегџиќ ги добиле стокмени, а потоа тие ги презеле останатите дејствија.
И за Врховниот суд беше спорно зошто Кривичниот суд не дозволи одбраната да го види автомобилот, па затоа, кога ја укина првостепената и второстепената пресуда за овој случај, даде насоки како да се постапи при повторувањето на постапката.
Сега конечно се потврди дека возилото постои, а според неофицијални извори на „Фокус“ автомобилот набрзо по убиството бил лоцирано преку сателитска снимка од Израел.
Валентина Вурмо