Опасниот винилхлорид од „Охис“ конечно преточен, ќе се транспортира во Германија

by fokus

Опасната високо запалива материја винилхлорид мономер којшто се наоѓа во кругот на поранешниот индустриски комплекс „Охис“  конечно е безбедно преточена во нова цистерна и следува фаза на транспортирање во Германија, најавува Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно информациите добиени од компанијата „Екоцентар 97“ и извршените вонредни инспекциски надзори на Државниот инспекторат за животна средина соопшти.

– Активноста ја реализираше компанијата „CURIUM“ од Франција, која има долгогодишно искуство и е специјализирана во преточување на ваков вид опасен отпад. Во периодот на реализација на активноста беа  запазени сите безбедносни прописи. Следува фаза на транспортирање за што се обезбедени сите потребни документи, а се очекуваат точните датуми на транзит на цистерната со опасен отпад низ од државите до конечната дестинација- Германија, стои во денешното соопштение од МЖСПП.

Според ресорното Министерство, до 2 март годинава се реализирани три од вкупно пет планирани извози на опасен отпад спакуван во соодветна амбалажа за меѓународен транспорт. Досега се извезени 55 од 80 тони опасен отпад кој веќе е пристигнат и предаден во Валорек Сервисис АГ Базел, инсенератор во Швајцарија каде што на безбеден начин ќе се уништи. Останатите количини на хемиските супстанции, наведуваат од Министерството, се безбедно спакувани во соодветна амбалажа и се очекува во текот на наредните две недели успешно да се транспортираат и извезат од земјата.

– По завршувањето и на последната активност за преточување и соодветно пакување на винилхлорид мономер, како и негов извоз во Германија, во компанијата „SUEZ“ (Sonderabfallgesellschaft mbH, Schkopau, Germany), која поседува дозвола за горење опасен отпад, ќе бидат реализирани сите активности предвидени со проектот „Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје”, спроведуван од компанијата „Екоцентар 97“, соопшти МЖСПП.

Минатата година во „Охис“ се случи хемиски инцидент, а опасните материи долго време чекаа во кругот на фабриката да бидат соодветно складирани и уништени.

Поврзани новости