Најавениот концерт на поп музичарот Дарио и Миг 21, кој ќе се одржи во Македонската Филхармонија на 17-ти февруари ги израдува љубителите на неговата музика, но истовремено се појавија и реакции поради цената на влезниците.
Имено, влезници по цена од 1.200 денари и ВИП влезници за 1.500 денари, според коментарите на социјалните мрежи, за некого е премногу, ако се земе во предвид нашиот стандард, додека пак има и такви кои сметаат дека за естраден уметник како Дарио, цената е соодветна. Околу тоа што мисли Дарио за коментарите по повод цените за влезниците, во емисијата Бекстејџ, тој вели дека според некои луѓе, премногу е да платат за уметник кој 40 години се труди, работи и создава песни и хитови, но не им е скапо да платат карта за негови колеги од соседството, кои биле во турбо фолк фазон, и кои чинеле три, четири или пет пати повеќе, од цената на билетот за неговиот концерт.
-Тоа е апсурд. Подобро да не давам коментари, секој си има свое мислење, јас го почитувам, на оној на кој му е скапо нека седи дома и нека ја слуша музиката. Оној кој ќе испочитува и ќе дојде, јас ќе му возвратам десет пати повеќе – порача музичарот.
Неговиот концерт е по повод 40 години на сцената, и е во склоп на проектите со кои Авалон Продукција слави 30 години постоење.
Вики Клинчарова