Онлајн седниците на кои ќе можеа да се вклучат заразените пратеници ќе беа спас од драмите во Собрание

by fokus

Онлајн седниците на коишто ќе можеа да се вклучат заразените пратеници со Ковид-19 кои се во изолација или имаат симптоми можеа да бидат спас за драмите и натегањата што кулминираа вчера откако кворум за една од седниците обезбедија двајца заразени пратеници од мнозинството кои дојдоа во Собрание со скафандери.

Ваквата работа на Собранието беше предвидена во ноември минатата година кога собранискиот спикер, Талат Џафери достави предложените измени на Деловникот за работа на Собранието.

-Заради непреченост во работата на Собранието, потребно е да се овозможи далечинска, односно електронска работа на пратениците, со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела. За пратеникот кој не може да ја оствари својата функција поради здравствената состојба во која се наоѓа, а која претставува ризик за здравјето на останатите пратеници и поради која е спречен физички да присуствува на седниците на Собранието и на работните тела, со предложените дополнувања на Деловникот се дава можност тоа да се реализира преку одржување на седници на далечина.

Пратеникот има право и должност да учествува во работата на Собранието и во одлучувањето без лично присуство на седница на Собранието, со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.

Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието преставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган, со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието“, се пропишуваше, меѓу другото, во измените.

Сепак за овие измени беа поднесени 3.000 амандмани и опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива тврдеа дека власта се обидува да ја сокрие својата неефикасност со онлајн работата на Собранието. Вчера собранискиот спикер не попушти и пред да се гласа за антикризните мерки мораше да биде помината 32. седница. Ниту ВМРО-ДПМНЕ не попушти и учествуваше само на седницата кога се гласаа законите од петтиот пакет мерки. Кворумот за претходната седница го обезбедија двајцата заразени пратеници кои беа сместени во посебни кабини од каде гласаа.

Поврзани новости