Меѓуресорска работна група ќе го реформира системот за прислушување, а во неа ќе учествуваат членови од повеќе институции, како и експерти од областа на кривичното право, граѓански организации и Народниот правобранител. Владата на вчерашната седница ја усвоила информацијата на МВР за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група.
Со цел да се обезбеди инклузивност работната група ќе биде составена од претставници од одделни министерства, Јавното обвинителство, судските органи надлежни за донесување на наредба за следење на комуникациите, од претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци и од претставник од собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите.
„Со цел вклучување и на научната јавност во конципирањето на идните чекори во спроведување на оваа сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во Планот 3-6-9, се предлага во сите постапки преземени од меѓуресорската работна група да учествуваат и претставници од научната и стручната јавност-експерти од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа област и од областа на човековите права“, велат од Владата.
Инаку, граѓанските организации беа меѓу другите на мета на прислушувањето. Откако беше обелоденет скандалот со масовно следење на комуникациите, се дозна дека биле следени телефонските разговори и на многумина граѓански активисти.