Заев: Би го објавил целиот снимен материјал за да се дознае вистината за мене

by fokus

Ако го имав целиот снимен материјал, би го објавил целосно за да се дознае вистината за мене, изјави премиерот, Зоран Заев, откако излезе од суд по денешното одложено рочиште за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет. Тој тврди дека снимката е монтирана.

-Значи, само ако се слушне целата снимка, веднаш ќе може се знае дека тоа е монтирано и направено толку грдо да изгледа. Ако целосната снимка не го реши судскиот процес, барем ќе го обели мојот образ – посочи тој.

Инаку, судот денеска го извести Заев дека е одбиено барањето на неговите адвокати видео снимката да биде изземена од постапката како доказен материјал.

-Ние баравме да не се користат како доказни мерки, бидејќи беа јавно објавени на Јутјуб мрежата. Тоа се мерки од незаконско следење и верувам дека ваквите мерки навистина треба да не се користат во постапката. Ќе го разгледаме ваквото решение, па со моите адвокати ќе одлучиме дали ќе се жалиме на ваквото решение. Тука сме на сите рочишта и до крај ќе опстоиме за да ја добиеме правдата – порача премиерот.

Неговите адвокати ја спорат снимката затоа што била јавно објавена. Заев рече дека единствен по закон надлежен за чување, располагање и управување со снимките е Јавното обвинителство. Во врска со протекувањето на материјалите, рече, веќе се поднесени соодветни кривични пријави

Поврзани новости