Генералното собрание на Обединетите нации денеска ја усвои првата глобална резолуција за вештачка интелигенција за поттикнување на заштитата на личните податоци, надзорот со вештачка интелигенција и заштитата на човековите права, соопштија американските власти. За необврзувачката резолуција, предложена од САД и ко-спонзорирана од 122 други земји, се преговараше три месеци и предвидува зајакнување на приватноста, изјавија официјални лица на брифинг со новинарите пред усвојувањето на резолуцијата.
„Ние пловиме во турбулентни води со технологија која брзо се менува, што значи дека е поважно од кога било да се владее во светлината на нашите вредности“, рече еден висок претставник на американската администрација, опишувајќи ја резолуцијата како „првиот документ за вештачка интелигенција за вистински глобален консензус.
Резолуцијата е последна во серијата иницијативи на владите ширум светот за да го обликуваат развојот на вештачката интелигенција поради стравувањата дека таа би можела да се искористи за да се нарушат демократските процеси, да се изврши измама или да доведе до драматично губење на работни места.
„Несоодветното или злонамерно дизајнирање, развој, имплементација и употреба на системи за вештачка интелигенција претставуваат ризици кои можат да ја поткопаат заштитата, промоцијата и уживањето на човековите права и основните слободи“, се вели во резолуцијата.