Петровска гарантира дека нема корупција во набавката на хеликоптерите

by Fokus

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во Тема на денот во Дневникот на Сител рече дека гарантира дека во нејзиниот делокруг на работа, апсолутно нема корупција и дека има потполна доверба во сите останати чинители вклучени во процесот на набавката на хеликоптерите.

„За овој предмет, она што е мој делокруг на надлежност можам да гарантирам дека апсолутно нема корупција. Верувам во препораката на ИПТ тимот, Управната група на МО, Владата, Собранието, односно Комисијата за одбрана и безбедност, каде вклучително и опозицијата преку својот претставник застанаа зад овој проект“, рече Петровска.

Таа појасни дека набавката на хеликоптерите е согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година, документ донесен на 11 април 2023 година во Комисијата за одбрана и безбедност и на 26 април 2023 година во Собранието, каде точно е објаснето како ќе се одвива развојот на воздухопловните капацитети.

„Потребата за постојана модернизација на нашата Армија се наметнува од потребата државата да изгради сопствен систем на одбрана, компатибилен со НАТО, на платформа со која што во иднина нашите припадници ќе можат да учествуваат во заеднички мисии и операции со останатите сојузници“, рече министерката.

Поврзани новости