ОН: Поради екстремните горештини и шумските пожари ќе се влоши квалитетот на воздухот

by fokus

Поради климатските промени екстремните горештини и шумските пожари ќе станат почести, поинтензивни и подолги, што ќе го влоши квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето, предупредуваат Обединетите нации.

Според синоќа објавениот извештај на Светската метеоролошка организација, се поизразеното загадување заедно со загревањето на планетата ќе има последици врз климата, поради што ќе страдаат милиони луѓе.

Годишниот билтен за квалитетот на воздухот и климата што го објавува Агенцијата на ОН го нагласува влијанието на чадот од шумските пожари во 2021 година откако, како и во 2020 година, горешните и сушата приднеле за ширењето на шумските пожари во западна Северна Америка и Сибир, предизвикувајќи значително зголемување на нивото на честички (PM 2,5) штетни по здравјето .

„Според проекциите, дури и со слаба емисија, затоплувањето на планетата ќе предизвика зголемување на бројот на шумски пожари и загадување на атмосферата“, појасни генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петри Таалас.

Тој нагласува дека таа појава ќе влијае врз здравјето на луѓето, но и на еко-системите бидејќи атмосферските загадувачи паѓаат на површината на Земјата.

„Го набљудувавме овој процес за време на големите горештини што ги погодија Европа и Кина оваа година, кога стабилните атмосферски услови, сончевото време и слабите ветрови фаворизираа зголемени нивоа на загадување“, рече тој.

Според набљудувањата на планетарно ниво, изминатите дваесет години опожарени се помалку површини гледано на годишно ниво благодарение на помалиот број пожари во саваните и прериите, но на континентално ниво забележана е тенденција на зголемен број пожари во одредени региони, особено во западниот дел на Северна Америка, во Амазонија и во Австралија.

Големите шумски пожари од јули минатата година предизвикаа ненормално покачени нивоа на ПМ 2,5 честичките во Сибир, Канада и во западниот дел на САД. Поради особено високите температури и сушата во источен Сибир се достигнати досега невидени концентрации, тврди Светската метеоролошка организација.

Оваа година „дава навестување за тоа што носи иднината, мораме да стравуваме од можни дополнителни зголемувања на фреквенцијата, интензитетот и времетраењето на топлотните бранови“, предупредува Таалас.

Тоа може уште повеќе да го влоши квалитетот на воздухот поради таканаречената „климатска реакција“, односно влијанието на климатските промени врз зголемувањето на нивото на озон на нивото на земјата, на штета на воздухот што го дишеме.

Според проекциите, речиси четвртина од светската популација живее во областите каде повеќе ќе се почувствува оваа појава, а тоа е поголем дел од Азија, објасни Лоренцо Лабрадор, одговорен за научни прашања во Светската метеоролошка организација. Според тоа, климатските промени би можеле да им наштетат на стотици милиони луѓе.

Поврзани новости