Омраза, љубомора, семеен статус и етничката припадност се најголемите причини за меѓуврсничко насилство во земјава

by Fokus

Физичко, психичко, емоционално и вербално насилство, меѓу машки-машки и женски-женски ученици се најчести видови на насилство меѓу децата во основните училишта во Македонија. Причина за ова се нетрпеливост, омраза, љубомора, семеен статус и етничката припадност на детето, се вели во Посебниот извештај на Народниот правобранител  од спроведеното истражување за меѓуврсничко насилство во основното образование спроведен во две учебни години 2016/17 и 2017/18.

-Меѓуврсничкото насилство е присутно во голем број основни училишта, и покрај тоа што училиштата имаат Програма за превенција од насилство, и во тој контекстводат разговори на класен час, на различни теми поврзани со насилство, во соработка со експерти или невладини организации, како и  со Локалната самоправа.Оттука, проблемот со меѓуврсничкото насилство во училиштата упатува на потребата од брзо дејствување и ефикасни програми за превенирање на насилството меѓу децата, но и на потребата од взаемна соработка и дејствување на семејството, воспитно-образованите установни и локалната заедница, вели за „Фокус“ Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик на Народниот правобранител.

Според анализата меѓу учениците во основното образованиемногу често има физичко, емоционално и вербално насилство (многу често меѓудеца од машки пол, а евидентирани се и случаи на насилство меѓу деца од женски пол). Особено загрижува констатацијата дека нетрпеливост, омраза, љубомора и завист се најчестите причини поради кои учениците применуваат насилство кон други ученици, од ист или други класови (одделенија), како и тоа што иако во помал број случаи, сепак причина за меѓуврсничко насилство се недоразбирањето и нетолерантноста кај децата, или пак социјалниот, семејниот статус, како и етничката припадност.

Училиштата применуваат педагошки мерки , но тоа не е доволно

-Несомнено, основните училишта применуваат педагошки мерки (најчесто укор, писмена опомена, намалување на поведение и сл.) спрема учениците поради насилно однесување, но истото не е доволно. Потребни се активности кои ќе му помогнат на наставниот кадар за препознавање на однесување кое штетно влијае на детето и неговиот правилен развој, одржување на работилници поврзани со (не)насилно однесувањена и следствено поттикнување на толеранција и конструктивна комуникација помеѓу децата и сите други чинители во образованието, вели Бајрамовска- Мустафа.

Според извештајот на Народниот правобранител  од голема важност е да се едуцираат младите на ненасилно однесување, а основните училишта имаат значајна улога во таа насока. Заради превенирање и спречување на насилсното донесување на децата во основното образование Народниот правобранител препорачува да се преземат мерки за запознавање со основните слободи и права и обврските на децата, едукација на децата, наставниците, родителите и службените лица за доследно почитување на правата на децата и за обврската на сите за почитување на правата на другите. Препознавање на правата и обврските и на повредите и злоупотребите на децата како од страна на децата, така и од страна на возрасните, заради остварување на сопствените права без загрозување на правата  на другите;

Во решавање на проблемите да се вклучат и другите институции

Покрај училиштето и семејството, во решавање на проблемот со насилството меѓу децата да се вклучи пошироката заедница, како и надлежното ресорно министерство, локалните власти, Министерството за внатрешни работи, Меѓуопштинските центри за социјална работа, Државниот совет за превенција на детско престапништво, медиумите и др., како и нивно заедничко дејствување во превенирање на насилството, преку активности и развивање вештини за ефикасно дејствување во случаи на насилствомеѓу ученици во училиштата.

-Насилството меѓу учениците претставува проблем кој неминовно налага сериозен пристап, особено ако истото се повторува, и кога од обично „недоразбирање меѓу децата“ преминува во чувство на нетрпеливост, кое се манифестира преку физичко пресметување, навреди, постојани притисоци и закани, неприфаќање и омаловажување на дете/ца од секаков аспект. Врсничкото насилство, познато како bullying, може да биде индивидуално или групно, во форма на подбивање, навредување, закани и сл. (вербален „“булинг); да се манифестира преку физичко повредување, уништување или земање на лични предмети (физички „булинг“); може да биде и преку игнорирање, исклучување од група, користење на невистинити информации (дезинформации), со цел да се омаловажува пред другите (социјален „булинг“), а најнов вид на насилство е преку Интернет (кибер „булинг“), преку користење на социјалните мрежи, објаснува Бајрамовска Мустафа.

И „Меѓаши“ се загрижени за меѓуврсничкото насилство

Најчесто жртвите се чувствуваат поразлични од групата врсници но тоа не значи дека децата треба да се потикнуваат да ги потиснуваат своите лични карактеристики со цел да се прилагодат на групата на врсници со што би се избегнал ризикот од булинг. Напротив треба да се почитува индивидуалноста која со сите свои убавини кои ги носи  ја менува динамиката на групата, ја прави потикнувачка средина за оние кои ја сочинуваат, вели Драги Змијанац за „Фокус“ од Првата Детска Амбасада „Меѓаши“.

Според него ефектите од овој вид насилство се видливи во истиот момент кога тоа се случува, но може да имаат и трајни последици. Најчесто жртвите имаат физички, емотивни и социјални симптоми. Тие може да се апатични, тажни,нервозни. Некои од децата социјално се изолираат, пројавуваат агресивно однесување во училиште, имаат намалена самодоверба, одбивање да се посетува училиштето. Траумите кои децата ги доживеале за време на детството, како жртви на врсничкото насилство се рефлектираат врз нивниот понатамошен психо-социјален равој. Овие деца како возрасни можат да имаат ниска самодоверба, депресивно однесување, психосоматски реакции.

-Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата. Но, таа бара мобилни и посветени родители, институционални ефикасни механизми, граѓански организации, медиуми, државни институции на кои приоритет во работата ќе им биде примената и почитувањето на правата на децата, објаснува Змијанац.

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши е  загрижена за состојбата со безбедноста и сигурност на децата во училиштата. Речиси секојдневно се случува насилство во некое од училиштата, а децата и родителите се плашат за безбедноста на децата. Она што загрижува особено во основните и средните училишта е врсничкото насилство. Многу често тепачките од училиштата се пренесуваат и на улицата. Децата денеска подеднакво не се безбедни ниту во училиштата ниту на улица по напуштањето на училишниот двор.

Соња Танеска

 

 

Поврзани новости