Заев од Лондон: Овој генерациски успех на нашата земја нека биде поттик за ЕУ да ја поправи својата грешка

by fokus

Премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите по завршувањето на НАТО Самитот во Лондон, рече дека го живееме сонот на генерациите пред нас, на сите граѓани и лидери од нашата земја кои се вградени во остварувањето на стратешкиот стремеж кој започна со независноста на нашата земја.

-Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел. И во Брисел, исто како тука во Лондон, уште еднаш ќе се крене и ќе остане кренато знамето на Северна Македонија, како на земја полноправна членка на најмоќниот воен и безбедносен сојуз на светот. Тоа ќе биде многу скоро, откако последната земја членка и наш сојузник – Шпанија, ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја за членство во НАТО во Вашингтон. За тоа добив апсолутно уверување од шпанскиот премиер Санчез.

Овие два дена во Лондон, во друштвото на лидерите на сите земји членки, на средбите со премиерите на Обединетото Кралство и на Канада Борис Џонсон и Џастин Трудо, потврдуваме дека НАТО е најмоќниот безбедносен и воен сојуз, но и симбол и синоним на највисоки демократски вредности, а ние сме дел од ова моќно семејство.  Како дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија станува фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, земја во која граѓаните, младите и децата имаат сигурна иднина. Да ја одржиме мотивацијата и силната енергија што не крепеше на патот за членството во НАТО, со иста таква сила и во процесот за членство во ЕУ.Овој генерациски успех на нашата земја нека биде поттик за ЕУ да ја поправи својата грешка во однос на нашето отпочнување на преговорите за членство, а за сите нас дома нека биде поттик уште посилно да ги продолжиме нашите реформи и да си ја направиме земјата уште поубаво и подобро место за живеење, рече Заев.

ФОТО: Томислав Георгиев

Поврзани новости