Обединетата македонска дијаспора (ОМД) преку соопштение ги отфрла, како што вели, непристојните барања на Бугарија за Македонија околу историјата, јазикот и малцинството како предуслов за влез на нашата земја во ЕУ.
Во овој важен момент на долгоочекуваниот процес на пристапување во ЕУ, стои во денешното соопштение од ОМД, многу е очигледно дека Бугарија cе занимава со политички опортунизам, а против ранливата македонска држава, како средство за извлекување некакви отстапки.
– Бугарија користи сè и сешто за да го казни македонскиот народ, дури и основните работи како што cе јазикот, националниот идентитет и историјата. ОМД смета дека бесрамните изјави на бугарската Влада не се конструктивни за легитимно унапредување на преговорите со ЕУ, соопштија денеска од ОМД, организација на македонските иселеници и Македонците родени во САД, формирана во 2004 година
Тие, дополнува, ниту пак придонесуваат во поттикнување на пријателски односи меѓу двете соседни држави. Наместо тоа, го нарушуваат кредибилитетот и транспарентноста на процесот на пристапување кон ЕУ, а истовремено го исмејуваат и наводниот договор за „пријателство“ меѓу двете држави.
Од ОМД посочуваат дека „ваквите агресивни ставови намерно се пласираат сега, а во прилог на одвлекување на вниманието на домашната јавност од проблемите со кои cе соочува владата на Бојко Борисов, вклучувајќи ја и широката распространетата корупција, организираниот криминал и девалвираните демократски стандарди на Софија“.
-Актуелната влада во Бугарија cе соочува со растечки протести и секојдневни собири на незадоволни граѓани, велат од организацијата ОМД.