392
Обединатата Македонска Дијаспора (ОМД) го поздравува секој предлог и иницијатива за дебата околу изборниот закон, бројот на пратеници и начинот на гласањето за македонските граѓани со право на глас кои се наоѓаат во и надвор од Република Македонија.
Правото на глас на граѓанинот е загарантирано со Устав и во никој случај не смее да биде нарушено.
Изборниот модел, бројот на изборни единици и бројот на пратеници треба да бидат донесени единствено како резултат на темелна испитаност на јавното мислење на граѓаните во Република Македонија и на тие кои по било која основа се наоѓаат надвор од Република Македонија. Овие витални и клучни прашања за степенот на демократија во Република Македонија во никој случај не треба да се донесуваат преку договор на партиски лидери зад затворени врати. Типот на преговори и договори од примерот на Пржинскиот, и Охридскиот кои не се резултат на испитано јавно мислење и сообраниска дебата, не се во добробит на македонското општество и само му го намалуваат неговиот демократски капацитет.
ОМД, како и досега, стои на располаѓање на Македонскиот народ, на законодавната и извршна власт, на македонската интелегенција, на политичките партии и невладиниот сектор, и на сите останати релеванти фактори во државата и во светот, за соработка и дебата по ова прашање.
Исто така, ОМД ги повикува сите општествени фактори со сериозност да ја разгледаат нашата студија од 18ти август која го рефлектира ставот и мислењето на најголемата организација на македонското иселеништво и Македонците во светот.