Сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Олена, останува во Украина заедно нивните две деца, Александра (18) и Кирил (8), и покрај тоа што целото семејство е мета на руските воени сили.
Олена (44) изминативе денови се огласува во јавност со пораки за поддршка до Украинците, потенцирајќи дека останува покрај својот сопруг и со својот народ.
Околу тоа која е Олена, жената која е покрај Зеленски цели 27 години, од кои осум во врска и 19 во брак, деновиве се пишува многу.
И двајцата се родени во истиот град, Кривиј Рих, а врската ја започнале на свои 17 години. Таа студирала градежништво, а пак Володимир право.
Дипломирале на своите факултети, но ниту еден од нив никогаш професионално не се занимавал со струката која ја избрал, туку Зеленски започнал со стенд-ап настапи. Олена уште од самиот почеток му била поддршка, го следела на настапи, а набргу станала дел од неговата продукција.
Заедно со неколку соработници го основале студиото ,,Квартал 95” кое со тек на време станува една од најпознатите продукциски куќи во Украина.
Се занимавале со организација на концерти, снимање на серии, филмови и забавни програми. Олена се нашла во улога на сценарист за многу емисии, а потоа го потпишала и сценариото за емисијата за политичка сатира на Зеленски, насловена ,,Слуга на народот”.
Токму таа емисија му донела огромна популарност на Володимир, а според многумина, дури била заслужна и за неговата победа на изборите.
Сепак, како што изјави во едно интервју, Олена не била воодушевена од одлуката на нејзиниот сопруг за претседателската кандидатура, бидејќи знаела дека тоа ќе им го промени животот од темел.
И покрај тоа, го поддржала и била со него во тек на целата кампања, која заврши со негова победа, откако дури 73.2 од Украинците му го дадоа својот глас.
Како прва дама на Украина, доста е активна. Посветена е на реформите во исхрана во училиштата, има улога во развојот на националната стратегија за рамноправност помеѓу половите и гласна е против насилството.
Позната е по елегантните модни комбинации, и неретко потенцираше дека заедно со сопругот избираат креации на домашни креатори, бидејќи тоа е начин да ги претставуваат украинските модни дизајнери и нивната модна индустрија ширум светот.
Вики Клинчарова