Окрупнување или раситнување на парламентарното мнозинство?

Резултатите од првиот изборен круг ги засилија најавите на опозицијата за формирање на ново парламентарно мнозинство. Наспроти тоа, власта најавува проширување на постоечкото мнозинство. Дали се работи за блеф или реалност?

by fokus

Уште по ланските парламентарни избори, по кои СДСМ и ДУИ повторно формираа влада, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ постојано во јавноста ја држеа отворена темата за можно формирање на ново парламентарно мнозинство.

Во таа насока, од таму тврдеа дека се одржуваат контакти со пратеници од владејачкото мнозинство, или поточно со пратеници од коалициски партнери во власта кои не се од СДСМ и ДУИ. Тие, според ВМРО-ДПМНЕ, не се согласувале со одредени владини политики и биле спремни да предизвикаат промени.

Иако таквите најави никогаш не се остварија, бидејќи сите владини партнери останаа на ставот дека не треба да има промена на власта без избори, сепак, после резултатите во првиот круг од локалните избори пак се подгреа можноста за ново парламентарно мнозинство, особено ако опозициското расположение се потврди и на вториот изборен круг.

Впрочем, таква можност веќе најави и лидерот на Левица Димитар Апасев, кој веднаш после гласањето, говорејќи дека на евентуални нови предвремени парламентарни избори повторно би настапиле самостојно, тој воедно посочи дека, освен нови избори, во игра е и ново парламентарно мнозинство без избори.

Од друга страна, пак, денеска сите коалициски партнери му искажаа лојалност на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, порачувајќи дека остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека заеднички ќе се поддржат во вториот круг од локалните избори.

Дури, Бујар Османи од ДУИ денес изјави дека мнозинството не само што нема да се раситни, туку дополнително ќе се окрупни. Кои се можните варијанти за зголемување на постоечкото парламентарно мнозинство или за формирање на ново мнозинство?

ИЗБОРНИ ОЧЕКУВАЊА

Првиот изборен круг од локалните избори даде интересни резултати во неколку општини, вклучително и во Тетово, каде речиси изедначени беа Теута Арифи од ДУИ и лидерот на БЕСА Биљал Касами, кои одат во вториот круг.

Со оглед што се работи за коалициски партнери, на кои Тетово им е исклучитечно битна општина, дел од анализите одеа во насока дека битката во оваа општина може да предизвика проблем во рамки на владината коалиција, со потенцијал да го загрози и парламентарното мнозинство.

Од една страна, ДУИ очекува поддршка од СДСМ од причина што се втор по големина коалициски партнер во Владата. Покрај тоа, ДУИ  во вториот круг се обидува да му обезбеди значајна поддршка на скопскиот градоначалник Петре Шилегов во трката со Данела Арсовска.

Од друга страна, пак, од БЕСА тврдат дека со СДСМ се предизборни коалициски партнери и дека на последните парламентарни избори гласачите на СДСМ гласале за Касами како носител на пратеничка листа во шестата изборна единица. Затоа, според нив, поприродно е тие токму него да го поддржат.

Засега, сите страни тврдат дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека компромисно решение за Тетово би било сите да остават граѓаните самостојно да одлучат.

Но, во меѓувреме БЕСА постигна прелиминарен договор за соработка со опозициската Алијанса за Албанците, што создаде одредена дисторзија во албанската опозициска коалиција на релација меѓу АА и Алтернатива, која, пак, одбива да го поддржи Касами.

ПРОМЕНА НА ПАРТНЕРИ

Откако Алијанса за Албанците ја напушти Владата пред неколку години, тие првично влегоа во коалиција со БЕСА. Како што е познато, овие две партии заеднички настапија на последните претседателски избори, застанувајќи зад Блерим Река.

Во тоа време, БЕСА почна комуникација со ВМРО-ДПМНЕ, а имаше и една јавна средба во центарот на Скопје меѓу лидерите на двете партии, по која се претпоставуваше дека тоа оди во насока на предизборна соработка.

На крајот, во пресрет на ланските парламентарни избори, Алијанса за Албанците се договори за заеднички настап со Алтернатива, додека БЕСА склучи предизборен пакт со СДСМ, што донекаде беше и пресудно за изборниот исход.

Сега, пак, почна да се поставува прашањето – што доколку БЕСА не добие сериозна поддршка од СДСМ во Тетово, но добие од АА, а со тоа индиректно и од ВМРО-ДПМНЕ (АА и ВМРО соработуваат за локалните избори)?

Дали во таков случај нејзините 4 пратеници би можеле да учествуваат во операција за формирање на ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, кое набргу потоа би организирало предвремени парламентарни избори?

Првично, од БЕСА велеа дека моментално се концентрирани на битката во Тетово, но денес испратија подиректни сигнали дека парламентарното мнозинство е стабилно.  Сепак, Касами отворено кажа дека ги очекува гласовите и од гласачите на СДСМ.

СПРОТИВНИ НАЈАВИ

Наспроти тоа, пак, власта возврати дека после вториот изборен круг мнозинството не само што нема да се намали, туку дополнително ќе се зголеми.

Кога зборуваат за проширување на мнозинството, од таму неофицијално велат дека алудираат на Алтерантива, која има 4 пратеници, со кои значително би го зајакнале моментално кревкото парламентарно мнозинство од 62 пратеници.

Веднаш откако беше изкажан интерес од Алијанса за соработка со БЕСА во Тетово, реагираа токму од Алтернатива на Африм Гаши дека никогаш не би застанале зад Касами. За потсетување, тие беа на различни страни за време на расколот во БЕСА, по кој всушност се формираше Алтернатива.

Оттука, по средбата меѓу генералните секретари на БЕСА и АА, Аријанит Хоџа и Арбен Таравари, почнаа да излегуваат одредени информации дека Алтернатива размислува за приклучување кон власта, па дури и дека се оствариле одредени контакти.

Меѓутоа, партискиот лидер Гаши ги демантира таквите информации, тврдејќи дека не се точни. Сепак, од неговата партија се уште нема јасен одговор како ќе се постават во однос на ситуацијата во Тетово?

Во секој случај, комликуваните изборни резултати создадоа одредени разидувања и во владејачкото мнозинство и во албанскиот опозициски блок, но истовремено од сите страни уверуваат дека воспоставените соработки се стабилни. Евентуални посериозни поместувања на изборната сцена се можни после завршување на вториот изборен круг.

Влатко Стојановски

Поврзани новости