Околу 70 родители вчера упаднале на наставнички совет на кој била присутна директорката во основното училиште „11 Октомври“, барајќи начин да седнат на заедничка маса со неа и уште еднаш да побараат двете избркани наставнички да бидат вратени на работа, бидејќи во спротивно тие нема да ги пуштаат децата на училиште, реагираат дел од родителите. Веќе трети ден по ред како родителите не ги пуштаат своите деца – втородделенчиња на училиште и тврдат дека ќе продолжат така, се додека не се реши проблемот.
Во нашата редакција се јавија револтирани родители, кои тврдат дека нема да попуштат во своите барања, затоа што тие се презадоволни од наставничките и нивното бркање оди на штета на децата. Тие вчера упаднале на состанок во шест и се задржале до осум часот, каде побарале од директорката под итно да ги врати наставничките на работа.
– Околу 70 родители упаднавме на наставничкиот совет во училиштето, барајќи да разговараме со директорката. Првин, настана дебата дали на средбата да присуствуваме сите родители бидејќи бараа од нас да останеме само преставници. Меѓутоа, ние не попуштивме и останавме сите. Директорката постојано објаснуваше дека правно не е спроводливо да се вратат наставничките, но меѓу нас има правници кои и објаснија како тоа може да го направи. Децата се уште не ги пуштаме на училиште и така ќе биде се додека не им ги вратат наставничките – истакна Александар Панчевски во изјава за „Фокус“.
Во четврток во 18 часот е закажан нов состанок на родителите со директорката, за таа да се изјасни каква одлука донела. До тогаш, второоделенчињата остануваат дома. „Фокус“ вчера објави дека повеќе од 60 деца веќе три дена не одат на училиште, но дека тоа не е поради штрајкот на просветните работници.
Денеска, повторно се потрудивме да стапиме во контакт со директорката на училиштето, но таа не одговори на нашите повици.