пишува: Орце Костов
Во услови на зголемена побарувачка, растот на цените на станбениот квадрат во Скопје не се смирува ниту годинава, а дополнително масло на огнот долеа и засилениот интерес од странските инвестициски фондови, кои купуваат на големо. Статистиката покажува дека во периодот од 2020 до 2026 година, цените направиле неверојатен скок од речиси 100 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година, една година пред пандемијата со корона вирусот, Македонија имала стабилен пазар на недвижности и цената на квадратот се движела меѓу 750 и 800 евра во просек, со тоа што најатрактивните локации во Центар, Водно, Аеродром и Дебар Маало, не надминувале 1.000 евра за квадратен метар.
Во моментов, цените се околу 2.100 до 2.400 евра за квадрат во строгиот центар, а во околните населби, цените се движат од 1.500 до 1.800 евра. Според платформата „цена за квадрат“, просечната цена на квадратот во Скопје, на 30 март 2026 била 2.144 евра, а во текот на една година се бележи раст на цените од 17,42 проценти.
Растот на цените на становите требаше да го скроти владата со најавите дека ќе интервенира на цената на пазарот на недвижности преку изградба на што повеќе државни станови, но државата во следниот период ќе изгради само 255 станови во Скопје за комерцијална продажба, а останатото ќе бидат таканаречените социјални станови. Во услови кога приватниот сектор гради над 1.000 станови годишно, тешко е државата преку овој механизам да интервенира врз растот на цената на станбениот квадрат.
МЕРКИ НА НАРОДНА БАНКА
Пазарот на недвижности ќе влезе во нова фаза на динамика, а никој не се осмелува да прогнозира дали ќе успее да балансира со зголемената понуда или новите инвестициски бранови ќе го оттурнат уште подалеку од можностите на просечниот купувач.
Данскиот инвестициски фонд „Вексткапитал груп“ веќе поседува околу 250 станови во изградба на атрактивни локации во Скопје, а до крајот на годината планира да купи уште најмалку толку. Со тоа, нивното портфолио би достигнало околу 500 станови.
Гувернерот Трајко Славески предупреди дека интересот на ваквите инвеститори има двоен ефект.
–Влезот на институционалните инвеститори несомнено е фактор што може да влијае врз динамиката на пазарот на недвижности, секако во зависност од обемот и континуитетот на вложувањата, за што засега немаме доволно релевантни информации како би можело да се оцени крајниот ефект. Сепак, за состојбите на пазарот на недвижности важни се повеќе фактори, како на страната на побарувачката, така и на страната на понудата, вклучително и очекувањата, од чие влијание ќе зависи и идната патека на движење на цените на становите на домашниот пазар, велат од Кабинетот на гувернерот за „Фокус“.
Народна банка, минатата година во септември презеде мерки, кои важеа од почетокот на декември 2025 за да им помогне на семејствата што првпат купуваат стан, ставајќи ги во поповолна позиција во однос на инвеститорите што купуваат втор или трет имот.
Се пропишаа построги критериуми за кредитирање, односно минималното учество за станбен кредит се зголеми од 15 отсто на 25 отсто, а лимитите на задолженоста во однос на доходот се утврдија на нивоа од 50 отсто за кредит во денари и 45 отсто за кредит со валутна компонента. Истовремено, за да се обезбеди непречен пристап до кредитирање за граѓаните, пред сѐ за младите лица, што навистина имаат потреба од решавање на станбеното прашање, се направи исклучок и се олеснија мерките само за лицата, кои за првпат купуваат недвижност за сопствено живеење со станбен кредит, под одредени услови, за кои се овозможи пониско учество (во висина до 10%) и поповолна лимитна задолженост (55% за денарски и 50% за кредити со валутна компонента).
–Новите мерки се во примена од 1 декември 2025 година, со што сѐ уште е рано да се дадат посеопфатни оцени за нивните ефекти. Сепак, според податоците, во првите три месеци од примена на мерката (односно во периодот (декември 2025 – февруари 2026 година),околу 400 лица ја искористиле можноста за полесни кредитни услови при прво купување недвижност, што е близу една третина од вкупниот број граѓани корисници на станбени кредити во истиот период, што е индикација за присутна побарувачка за овие кредити.
Сепак, ова се само првични трендови, и како што и претходно напоменавме, ќе биде потребен уште одреден период на примена на мерките со прибран поголем сет на податоци, за да може да се извлечат поиздржани заклучоци за ефектите од преземените мерки, одговорија од НБРМ.
Целата сторија може да се прочита во неделникот на „Фокус“: