Околу 40.000 деца немаат компјутер, настава ќе следат на телевизија, преку 15-минутни видеа

by fokus 13:40
13:40

Според проценките што ги направи Министерството за образование и наука во Македонија дури 40.000 деца немаат пристап до електронски уред за следење на наставата, соопшти министерката Мила Царовска, при претставувањето на Националната програма за онлајн образование.

Министерката најави дека пристап до интернет може да се овозможи, но дека државата не може да обезбеди толку уреди за секое дете.

- Advertising -

– Тоа е затекната состојба, која не може да се надмине во период од еден месец. За тие деца ќе имаме часови (15-минутни видеа) кои ќе бидат поставени на Националната телевизија, на каналите коишто се веќе обезбедени и преку нив тие ќе може да бидат изложени на информациите коишто треба да ги добијат во училиште – рече министерката за образование Мила Царовска.

– Дополнително, училиштата ќе имаат обврска да ги испечатат потребни материјали и да се достават до секое дете преку родителите, а потоа да се вратат назад за да се оценат – рече Царовска.

Исто така, во однос на целодневната настава таа рече дека се разговара во Комисијата за заштита од заразни болести, но дека конечна одлука нема. Засега, децата до трето одделение ќе одат во училипте, како и некои поединечни училишта, кои поднеле барање за следење настава со физичко присуство, а за тоа имаат услови.

Со оглед на фактот дека родителите кои досега користеа мерки како еден родител дома со дете до десет односно шест години, а сега треба да одат на работа, невозможно е да ги земат децата од училипте по само два часа настава. Затоа бараат да се организира згрижување на децата по часовите, со целодневна настава, но одлука за тоа се уште нема.

Поврзани новости