Дури 36. 000 пациенти позитивни или суспектни на ковид 19 се прегледани во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на Градската болница „8 септември“за време на двегодишната ковид пандемија, потврдија за „Фокус“ од болницата.
„Во сите изминати месеци имавме 7.000 хоспитализирани ковид позитивни пациенти. Околу 300 пациенти заразени со Ковид 19, кои биле со екстремно тешка клиничка слика со сатурација под 60 отсто кислород во крвта се тргнати од респиратор во Градската болница „8 Септември“, тврдат од болницата.
Статистиките со кои располагаме, уште покажуваат дека само во старата Воена болница се направени 17. 600 биохемиски анализи на ковид пациенти и 21.100 крвни анализи на Трансфузиологија(хемостаза со Д Димери).
Исто така, за целиот овој период додека болницата е ковид центар се направени и 550 коронографии, поставени 320 стентови, 130 инфаркти кај Ковид позитивни пациенти од кои 72 се стентирани и 4 пејсмејкери поставени.
„РТГ дијагностика на ковид позитивни пациенти: 14.022(ртг на бели дробови). КТ на бели дробови со контрас кај 283 ковид пациенти. Дијализирани ковид позитивни пациенти 337. Оперирани Ковид позитивни пациенти:154, од нив 80 ортопедски интервенции, 74 други општи хируршки интервенции. Физикална терапија спроведена кај 865 Ковид поз пациенти. Интервентни радиолошки процедури кај 3.030 Ковид пациенти“, тврдат од болницата.
Најстрашното од се е тоа што во болницата ГОБ “8 ми септември” се носат пациентите со најтешка клиничка слика, од кои дел завршуваат на респиратор, а додека дел се на кислородна поддршка со силен проток.
Досега во земјата се направени вкупно 1.938.935 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 303.418, бројот на оздравени пациенти е 292.344, на починати е 9.184, а бројот на активни случаи изнесува 1.890.
Ирена Мулачка