Околу 300 милиони ученици не одат на училиште поради Ковид19, Унеско свика итен состанок на министрите за образование

by Fokus

Речиси 300 милиони ученици во светот не одат на училиште, а Италија е последна во низата земји кои затвораат училишта со цел да го запрат ширењето на новиот коронавирус.

Италија, која е првото жариште на Ковид-19 во Европа, денеска ги затвори сите училишта и универзитети до 15 март.

Во Јужна Кореја, второто најголемо жариште после Кина, училиштата и градинките ќе бидат затворени уште три недели.

Во Иран исто така се затвораат училишта, се откажуваат културни и спортски настани, а работното време во државната администрација е скратено.

Вкупно 13 земји поради епидемијата мораа да затворат училишта, што погоди 290 милиони ученици низ светот, соопшти Унеско истакнувајќи дека се работи за „досега невидени бројки“.

Унеско нагласи дека работи со цел итно да се реагира на Ковид-19, „голема здравствена криза што сега ја засега целата планета“. Организацијата ќе продолжи да ја следи големината, обемот и географското ширење на затворањето на училиштата и е подготвена да им даде поддршка на државите за усвојување соодветни инклузивни мерки.

Организација соопшти дека на 10 март ќе одржи итен состанок на министрите за образование за да се разговара за одговори и стратегии за одржување на континуитетот на учење и да се обезбеди инклузија и правичност.

Поврзани новости