Околу 20% од загадувањето доаѓа од дизел моторите

by fokus

Околу 20 отсто од загадувањето на воздухот доаѓа од дизел возилата, се вели во проценките на Министерството за економија. Покрај тешката индустрија, малите фирми, горењето на шумите, депониите и греењето на домаќинствата, 1/5 од загадувањето на животната средина е од автомобили кои испуштаат CO2 гасови над дозволеното. Министерот за економија Крешник Бектеши, вели дека владата направила грешка пред 9 години кога дозволила увоз на постари возила, повеќето од нив дизели и што не се во согласност со еколошките стандарди, пренесе Алсат.

„Во Македонија има голем број дизел автомобили, треба да се потсетиме и на одлуката на Владата некаде околу 2010 година, кога дозволи увоз на автомобили што не беа според европските стандарди и со тоа се зголеми негативното влијание на возилата во однос на животната средина во нашата земја, каде што е приближно 20% како дел од загадувањето на животната средина на места каде загадувањето ги надминува сите предвидени мерки“, изјави министерот Бектеши.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека над половина милион возила моментно кружат низ целата земја, од кои 57% користат дизел. Според податоците на МВР само во 2017 година, по прв пат се регистрирани 39.600 возила, додека во 2018 година по прв пат се регистрирани 42.507 возила.

„Во 2018 година регистрирани се вкупно 517.023 возила. Од овие 294.735 возила се со дизел мотори, 218.554 со бензински мотори, 12.111 со плин и остатокот со други деривати“, се вели во сопштението на Министерство за внатрешни работи.

Поврзани новости