Околу 14.000 лица вршат самостојна дејност, може да аплицираат за минимална плата

by Фокус

Околу 14 илјади трговци-поединци и самостојни вршители на дејност се регистрирани во Управата за јавни приходи, кои се опфатени со мерката за исплата на 14.500 денари за плата. Оние кои ги исполнуваат условите од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица што вршат самостојна дејност, барањата до УЈП ќе ги поднесуваат на почетокот на мај, односно до 5-ти во месецот. Како што велат од Управата, работат на подготовка на барањето и дека наскоро ќе го објават.

-Во системот Е-персонален данок на Управата за јавни приходи евидентирани се вкупно 10.280 обврзници кои поднеле образец ДЛД-ДБ за 2019 година и 3.865 обврзници со утврден годишен паушален нето-доход. Истите ќе се квалификуваат за користење финансиска поддршка доколку ги исполнуваат условите од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, за време на вонредна состојба – велат од УЈП за МИА. 

Инаку, обврзници кои поднесуваат ДЛД-ДБ образец се трговци-поединци и вршители на самостојна дејност. Мерката може да ја користат само оние од нив што ќе ги исполнат условите во март да имаат најмалку 30 отсто намалување на приходите во однос на месечниот просек во 2019, а сезонските вршители на дејност да имаат пад на приходите за над 30 отсто во последниот сезонски период од четири месеци со истиот период претходната година. Мерката не може да ја користи самостоен вршител на дејност кој во 2019 година има нето доход пред оданочување или утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.

Поврзани новости