Увидни екипи раководени од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вршат увид во куќа во Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени телата на две починати лица, соопштија од ОЈО.
Веднаш по завршувањето на увидот, екипите ќе се упатат кон селото Глумово, каде што се пронајдени телата на уште две лица.
Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство. Исто така, првичните сознанија на истрагата укажуваат дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомнение дека ги лишило од живот останатите, пред да си го одземе животот.
„Во настаните уште едно лице е повредено. Тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.
Во меѓувреме, до увидот, локацијата во селото Глумово се обезбедува со полициски екипи.
Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и утврдување на мотивите“, соопштија од ОЈО.
Од МВР информираа дека денеска околу 10.00 часот од страна на непознато лице извршено е убиство на најверојатно три лица (едно лице е убиено во с.Глумово, додека две лица се убиени на влез во с.Кондово).
При обид за приведување на лицето во с.Глумово од страна на полициски службеници од единицата „Алфа“, истото извршило самоубиство. Најверојатно сторител е Ш.С. од с.Глумово.