Како адвокатскиот тим на Никола Груевски и на останатите осомничени во случајот „Титаник“ дознале кои судии се членови на советот, кој требаше да одлучува по барањата на СЈО за одредување на притвор, бидејќи составот на советот е таен?
На ова прашање треба да одговори Основното јавно обвинителство (ОЈО), односно по допрен глас да отвори истрага, за да се дознае кртот од Кривичниот суд, бидејќи по реакција на одбраната на осомничените еден судија беше изземан од советот, а со тоа се создаде и можност за поинаква судиска одлука, како во случајот, осомничените да се спасат од притвор.
Токму затоа побаравме одговор од ОЈО дали по допрен глас ќе отворат истрага за информациите кои се појавија во медиумите дека при одлучувањето за притвор за случајот „Титаник“, вработени во судот извршиле противзаконито влијание. Поточно, иако советот кој одлучува за притворот е таен, одбраната сепак дознала од кои судии е составен, па побарала изземање на еден од нив?
Но од обвинителството не одговорија на нашето прашање, па така останува нејасно дали овој скандал ќе биде амнестиран.
Во петокот и од Кривичниот суд појаснија дека еден од судиите, поточно Дарко Тодоровски, бил изземен по барање на одбраната, но се правдаат дека не знаат како се статсале до неговото име.
-Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар за истот, велат од судот.
Шпекулациите беа дека некој од судот ја информирал одбраната за составот на судиите, па знаејќи дека има можност Тодоровски да гласа за притвор, бидејќи важи за судија кој е принципиелен и не подлегнува на притисок, побарале изземање.
Покрај Тодоровски, во првичниот состав биле и судијките Диана Груевска-Илиевска и Билјана Коцевска. Откако Тодоровски бил изземен, се менува и судијката Коцевска, бидејќи според објаснувањето на судот, и се слошило, по што на нејзино место била определена судијата Џенета Бектовиќ. Па, наместо претпоставеното гласање од 2-1 за притвор на осомничените во „Титаник“, официјалното гласање завршило со 2-1 за одредување на мерки на претпазливост.
В.В.