Јавното обвинителство отвори истрага за донациите на СДСМ за последните избори, објави Телма, повикувајќи се на високи партиски функционери на партијата. Постапката била отворена на почетокот на февруари, а биле проверувани транспортери, печатници и донатори на партијата. Засега не е повикан на распит никој од СДСМ.
Во меѓувреме пак, Специјалното јавно обвинителство, забрзано работи на истрагата за донациите на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите во 2014-та. Случајот беше отворен во октомври, минатата година врз основа на досега необјавени разговори од прислушуваните материјали.
Во СЈО досега се свикани на распит стотици членови и функционери од партијата. Токму поради тоа, ДПМНЕ вчера организираа и протест во Охрид, каде во еден ден стигнаа 200 покани од СЈО. Од партијата обвинија дека СЈО работи по нарачка на СДСМ, а тоа што ги свикале на распит го оценија како тортура врз народот.