Основното јавно обвинителство од Скопје поднесе предлог за определување притвор за лицето кое вчера до смрт го избоде својот татко, поранешен функционер на ДПМНЕ. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Надлежниот обвинител ценеше дека се исполнети сите законски основи за предлогот и тоа постоење на услови за бегство на осомничениот, за вршење на влијание врз сведоци, а утврдена е и опасност за повторување на делото особено што осомничениот упатувал вербални закани кон друго лице.
Настанот, што го расветлува обвинителството, се случи вчера во 22 часот во скопската населба Црниче. Осомничениот на возраст од 41 година, без повод и причина го нападнал и смртно го повредил татко си. Сторителот се качил на вториот кат од семејниот дом каде живеел неговиот татко со сопругата, ја откорнал влезната врата и влегол внатре.
При тоа, со нож го нападнал таткото кој бил тешко подвижно лице нанесувајќи му убодни рани на абдоменот, како и смртоносна рана на градниот кош. Во исто време, осомничениот упатил вербални закани кон сопругата на неговиот татко која успеала да се засолни и за настанот да го алармира соседството. По нападот, осомничениот се дал во бегство. Поради самоповредување подоцна сторителот се јавил во медицинска установа за помош, каде е и уапсен.
Постапувајќи по предметот, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело убиство, сторено при вршење на семејно насилство, од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. За ова кривично дело законот предвидува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор“.