ОИС бара ОН да го прогласат 15 март за меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата

by fokus 22:41
22:41

Во заедничка изјава усвоена по денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС), упатено е барање до Обединетите нации и другите меѓународни и регионални организации да го прогласат 15 март за меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата, јави агенцијата Анадолија.

Во Истанбул денеска беше одржан состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка по повод терористичкиот напад во Нов Зеланд. По состанокот е објавена заедничка изјава во која е истакнато дека тероризмот нема вера и нагласен е ставот дека ваквите терористички акти, без оглед каде, кога или кој бил нивен извршител, на ниеден начин не можат да имаат оправдување.

- Advertisements -

Поздравена е и посетата на Нов Зеланд од страна на високи турски функционери, и е нагласено дека тоа била јасна порака за солидарност со семејствата на жртвите и народот на Нов Зеланд.

Извршниот комитет на Организацијата за исламска соработка ги осуди „ужасните и подли исламофобични терористички напади врз невините луѓе кои се молеа во џамиите Нур и Линвуд, во градот Крајстчрч, во Нов Зеланд“.

Поздравен е ставот на Владата на Нов Зеланд, на чело со премиерката Џасинда Ардерн, која како што е истакнато, најостро го осуди терористичкиот напад и пружи поддршка на муслиманската заедница во таа земја и се солидаризираше со семејствата на жртвите.

Подвлечено е дека солидарноста која ја покажала комплетната новозеландска јавност е за секоја пофалба.

– Упатена е и порака на сочувство и искажано најдлабоко сочувство до семејствата на недолжно страданите муслимански жртви, до народот на Нов Зеланд, како и до Владата на оваа земја.“ Нагласено е дека ОИС се надева дека казнувањето на терористот и задоволувањето на правдата ќе ги утеши семејствата на жртвите.

– Овие одвратни терористички напади на џамиите и општествените центри и убивање на муслиманите, уште еднаш најдобро укажаа на бруталните, нехуманите и страшните последици на исламофобијата. На сите нивоа и платформи потребно е сите меѓународни актери да бараат сеопфатни и системски мерки, се нагласува во изјавата.

– Сите земји со муслимански заедници, малцинства и мигранти се повикуваат да се воздржат од сите политики, изјави и практики кои го поврзуваат исламот со тероризмот, екстремизмот и заканите по општеството. Сите држави се повикуваат да не ги ограничуваат темелните човекови права и слободи на муслиманите, вклучувајќи и почитување на верските слободи, ја пренесува Анадолија усвоената изјава од состанокот.

Упатено е барање до сите влади во своите земји да забранат секаков вид дискурс, обид или делување со кои се премолчува, поттикнува, охрабрува или предизвикува непријателство кон муслиманите, односно понижување на исламот и муслиманите.

Со цел секој поединец или група да бидат заштитени од омраза и насилство засновано на вера и уверување и за да се заштитат сите верски објекти, упатено е барање во согласност со меѓународното право, нормите и стандардите, да се спроведува постоечката правна и административна рамка или, во случај да биде потребно, да се усвојат нови законски прописи.

Извршниот одбор на ОИС го повика Високиот комесаријат на ОН за човекови права и Комесаријатот за човекови права на Советот на Европа на воспоставување опсерваторија за следење и пријавување дела од верска омраза, непријателство и насилство.

Упатено е и барање до Обединетите нации и другите меѓународни и регионални организации да го прогласат 15 март за меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата.

Поврзани новости