Петмина охриѓани заедно со две лица од Велес се осомничени за посредување со вршење проституција и трговија со луѓе во Охрид во периодот од јуни до октомври годинава, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.
-Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Р.А.(1954), поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и „посредување во вршење проституција“, Ф.А.(1990), Д.А.(1961), Б.Н.(1954), З.Д.(1956) сите од Охрид, како и за велешаните О.Ч.(1996) и М.А.(1996) поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „трговија со луѓе“, додека Ф.А., Б.Н. и З.Д. се пријавени и за кривичното дело „посредување во вршење проституција, соопшти денеска МВР.
Првопријавениот во својство на организатор создал криминална група во која членови се Ф.А. (негов син), Д.А. (негова сопруга), Б.Н., З.Д., О.Ч. и М.А. која имала за цел вршење на експлоатација по пат на проституција на женски лица-жртви на трговија со луѓе во временски период од јуни до октомври 2016 година. Тие за износ од 3.000 денари (од услуга) им овозможувале на лица клиенти, користење на сексуални услуги во Угостителски објект „Филип Астор“ во Охрид.