Од април 2022 година во Охрид започна да функционира клубот ,,Куче спасител”, чија основна дејност е потрага со кучиња трагачи по исчезнати лица. Претседател на клубот е Ефто Стојановски, кој за себе вели дека целиот живот се занимавал со дресура на кучиња. Моментално потрагите се вршат со едно куче, женка белгиски овчар по име Дикси, која е шест години стара, а на обука се уште две други кучиња, од кои едното е мешанец, а другото белгиски овчар.
Стојановски за ,,Фокус” појаснува како дошол до идејата да се отвори овој клуб, и како засега функционира.
-Многу исчезнувања на луѓе се случуваат во земјава. Постојано читаме за такви настани, а јас како човек кој целиот живот го помина дресирајќи кучиња, знам дека нивното сетило е одлично изострено и можат да бидат од огромна помош кога станува збор за пронаоѓање на исчезнати лица. Кога се случи исчезнувањето на малиот Петар Џобески во Мариово, минатата година, очекував да бидам повикан, да помогнам со Дикси, затоа што многу луѓе ме знаат и знаат дека таа е одличен трагач. Но, никој не ми се јави и до денес сметам дека во тој случај, каде во планина нема измешани траги, значи нема многу народ, добро куче трагач уште истиот ден ќе го пронајдеше детето или ќе ја однесеше истрагата на вистински траг. Истото го тврдам и за случајот во Буково, кога лани беше киднапирано дете, кое подоцна семејството го најде оставено покрај реката, откако се организираше масовна потрага од жителите. И во тој случај, да имало куче трагач, киднаперот на детето ќе беше лесно пронајден. Значи, кога се трага во место кое не е населено, каде нема многу измешани траги, кучињата полесно можат да го пронајдат лицето по кое се трага – појаснува дресерот.
За својот клуб вели дека е формиран со цел да помага на сите кои имаат мака, но тешко му оди самофинансирањето и му е потребна помош од институциите. Раскажува дека му е потребна храна за кучињата, а досега добил помош во храна и во изградба на боксови од страна на Планинската спасителна служба -Црвен Крст Охрид. Барал средба во Општина Охрид уште пред осум месеци, со цел да побара финансиска помош, за да може клубот да функционира непречено во служба на граѓаните, а минатиот месец испратил и писмено барање. Вели дека се уште чека одговор.
-Финансиската помош ми е навистина потребна, бидејќи кучињата ги чувам и ги хранам сам. Исто така, кога било кое семејство ми бара помош, односно сака да дојдам со куче трагач и да помогнам во потрага по исчезнато лице, потребен ми е превоз. Затоа е и тоа мое барање за финансии од страна на општината. Се надевам дека ќе ја сфатат важноста на клубот и дека ќе излезат во пресрет, бидејќи е во интерес на сите – појаснува дресерот. Раскажува дека барал повеќе кучиња, за да ги обучи за потраги и многу луѓе му донеле разни раси на кучиња.
-Првата проверка ја поминаа шест кучиња, и тоа три домашни и три улични. Потоа, на втората проверка поминаа само две кучиња кои покажаа огромен потенцијал, и тоа и двете се улични. Едното е мешанец, не се знае од која раса, додека пак другото е белгиски овчар и најверојатно некој првин го чувал дома, па потоа го оставил на улица. Интересно е тоа како има премногу паметни кучиња на улица, кои можат да бидат од огромна корист на општеството, само доколку им се обрати внимание и се поработи со нив. Сега работам со овие две улични кучиња, за кои верувам дека ќе бидат одлични трагачи. Планирам да обучам што е можно поголем број на кучиња, нема овде да запрам, се работи за спасување на животи – вели Стојановски. Раскажува дека досега Дикси ја носел на два случаи, односно потраги по исчезнати лица, и тоа во Кичево и во Крушево.
-Дикси одлично си ја сработи работата, иако во Кичево ме викнаа дури седум дена по исчезнувањето на човекот. Таа го следеше трагот од домот на човекот, се до локација на околу 800 метри, каде претпоставка е дека лицето се качило во автомобил. Од таму, полицијата треба да си преземе понатамошни мерки. Исто и во Крушево, ми се јавија за помош, од домот на изчезнатиот Дикси следеше траг до околу 600 метри, од каде верувам дека лицето потоа влегло во автомобил и трагот се губи. И во Крушево ме побараа дури четири дена по исчезнувањето, затоа потенцирам дека кучињата трагачи се најефикасни ако се ангажираат истиот ден, да не се чека да помине многу време, бидејќи се мешаат трагите. Сакам да ги информирам сите на кои им е потребна помош од куче трагач, дека јас не наплаќам ништо, бесплатно го правам тоа, но потребно ми е да ми се обезбеди превоз- вели дресерот.
Додава дека доволно е на кучето трагач да му се даде личен предмет од исчезнатиот, дали парче облека или обувка, и со помош на своите сетила добро истренирано куче можело да го следи трагот. Порача дека се надева како клубот ќе добие потребна финансиска помош, за да може да се развива и функционира, затоа што ова е начин да им се помогне на луѓето, но и на многу кучиња од улица.
Сите кои сакаат да го ангажираат во потрага, можат да го контактираат на телефонскиот број 070 597 061. Вели дека е достапен и за МВР, во секое време би дошол со куче трагач и би понудил своја помош на институциите.
Вики Клинчарова